Милијардерите годинава побогати за 781 милијарда евра, еве колку заработуваа дневно


Најбогатите 500 луѓе во светот во првата половина од оваа година го зголемија својот имот за вкупно 781 милијарда евра.

„Блумберг“ наведува дека секој член на овој елитен клуб на најбогатите заработил во просек по 12,85 милиони евра дневно во изминатите шест месеци.

Како што се оценува, ова беше одлично полугодие за милијардерите, најдобро од втората половина на 2020 година, кога светската економија делумно закрепна од мерките предизвикани од епидемијата на корона вирусот.

Изминатите шест месеци беа многу успешни за шефот на „Тесла“ и сопственик на Твитер, Илон Маск, чие богатство се зголеми за дополнителни 88,6 милијарди евра, на околу 214,7 милијарди евра.

Шефот на „Мета“, Марк Цукерберг го зазеде второто место на оваа листа на милијардери, бидејќи неговото богатство се зголеми за 54 милијарди евра, на приближно 95,45 милијарди евра.