Милијардер доби 12 години затвор за смрт на 392 луѓе изложени на азбест


Швајцарски милијардер е осуден на 12 години затвор за предизвикување смрт на луѓе изложени на азбест во неговата фабрика во Италија, објави Ројтерс. Судиите во градот Новара ја изречеа казната по повеќе од седум часа расправа во средата. Италијанските медиуми објавија дека обвинителите побарале доживотна казна затвор.

Стефан Шмидхеини беше прогласен за виновен за тешко убиство од небрежност за предизвикување смрт на 392 лица, вклучително и повеќе од 60 работници и околу 330 жители, во северниот град Казале Монферато, каде што се наоѓаше неговата фабрика за цемент Етернит.

Адвокатот на одбраната, Астолфо ди Амато, изјави за новинската агенција Аднкронос дека ќе поднесе жалба, но дека неговиот тим е „многу задоволен“ што пресудата на судот за убиство од небрежност значи дека неговиот клиент не може да се смета за „убиец со предумисла“.

Фабриките користеле азбест во производството на цемент во 1970-тите и 1980-тите. Тие беа затворени во 1986 година, но работниците и локалните жители продолжуваат да ги трпат последиците.

Азбестот стана популарен од крајот на 19 век како средство за зајакнување на цементот. Но, подоцнежните истражувања открија дека дишењето во азбестните влакна може да предизвика воспаление на белите дробови и рак. Сега е забранет во повеќето земји во светот. 

Според италијанскиот закон, првостепената пресуда како онаа донесена во средата може да биде обжалена двапати пред одлуката да стане правосилна. Претходно, обвинетите кои беа прогласувани за виновни за вакви дела обично не беа праќани во затвор, пишува Ројтерс.

Шмидхеини веќе е осуден по обвинение за еколошка катастрофа. Но, поради  застареност се спаси од плаќање милиони евра казни и отштета.