Милевски: Се инвестира во регионален пат во Орман и мултифункционално игралиште во Кондово


Започна со градба на регионален пат од село Орман до Општина Чучер Сандево за унапредување на руралниот развој во овој регион. Министерството за локална самоуправа за патот инвестира 3 милиони денари а ќе биде реализиран преку Центарот за развој на Скопски плански регион. Денеска на терен извршија увид министерот Милевски и градоначалникот Наумоски, како и директорт на Центарот, Мицковски.

„Инвестирањето на регионален пат од село Орман до Општина Чучер Сандево е важно за патната инфраструктура за унапредување на рурален и локален развој, со тоа и развој на Скопски Регион. Министерството за локална самоуправа за овој проект издвои 3 милиони денари. Денеска со градоначалникот Наумоски сме на увид за проектот кој е во почетна фаза. Сакам да истакнам дека со вакви проекти во селата ќе се намали миграцијата на село-град и воедно ќе има поголема безбедност на патот и ќе имаат непречено функционирање на околните општини во однос на комуникација со градот Скопје“ изјави министерот, Горан Милевски.

„Изградбата на локалните патишта се клучни за животот на граѓаните. Овој навидум маргинален пат од 500 метри, всушност е клучна делница кој ќе ги поврзе руралните со урбаните средини, но истовремено е и бајпас кон обиколницата и транзитаритирањето кон Косово. Најдиректно, жителите на Орман и Никиштани за два месеци ќе добијат побезбедно и поквалитетно сообраќање, а општина Ѓорче Петров ќе добие уште една линија на својата северна граница. Секој метар пат значи олеснување и подобрување на условите за живот. Само заедничкото работење на релација Влада-локална самоуправа евидентно дава резултати. Можеме уште, можеме и повеќе“ истакна градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски.

Исто така, министерот Милевски на работна средба и увид беше со градоначалникот на Сарај, Блерим Реџепи во Кондово за проект  „Спорт за сите здравје за сите – Изградба на иновативно мултифункционално игралиште ”, кој е во завршна фаза.

„Развојот на децата и младите преку спортот во општеството е важен сегмент кој треба да се негува и да се развива. Самиот проект спорт за сите, здравје за сите ќе придонесе со ова иновативно мултифункционално игралиште во Кондово. Со градоначалникот, Беџети и директорот на Скопски плански регион увидовме дека проектот е во завршна фаза и наскоро со ова игралиште кондовчани ќе се гордеат. Министерството за локална самоуправа партиципираше со над 394 илјади денари, а дополнителни средства беа во соработка со Швајцарска Агенција за развој и соработка. Ги охрабрувам и останатите општини во иднина да аплицираат за вакви проекти во кои ќе имаат примарна компонента а тоа е здравјето на граѓаните, за да имаме здрава нација“ вели Милевски.

Целта на проектот е да се подобри квалитетот на образовната програма и физичкото воспитување во руралните средини преку таргетирање на придобивките од спортувањето и здравиот начин на живот. Проектот го имплементира Центарот за развој на Скопски плански регион во рамките на иновативната компонента на националниот проект „Одржлив инклузивен рамномерен регионален развој”.

„Денеска бевме на увид, токму овој проект е потребен за учениците кои учат во училиштето. Проектот е финансиран од Швајцарска агенција за развој и соработка, Министерството за локална самоуправа и Општина Сарај во вредност, кој изнесува околу 2 милиони денари. Навистина ова ќе им значи, како на учениците, така и на наставниот кадар во училиштето Бајрам Шабани во Кондово. Игралиштето ќе може да се користи освен денски, туку и навечер, така што сите ќе може спортски да се рекреираат“ вели градоначалникот на општината Сарај, Блерим Беџети.

Со овозможувањето на различните физички активности може да се влијае на младата популација да имаат привлечност кон спортот, а во таа насока децата и учениците од руралните средини ќе се поттикнат да имаат здрави навики и побогат социјален живот и меѓусебна интеракција.

 „Овие два проекти се за развој на Скопски плански регион од програмата на Владата за рамномерен регионален развој, проекти кои што има исклучителен регионален и спортско-рекреативен карактер. Ние и понатаму ќе работиме со останатите проекти да овозможиме поквалитетен живот на граѓаните“ додаде Љупчо Кец Мицковски, директор на Центар за развој на Скопски плански регион.