Горан Милевски поднесе оставка на министерското место

Милевски наведува дека си заминува од лични причини. Тој беше многу резервиран околу францускиот предлог


 

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски денеска ја доставил својата оставка до Владата.

Оставката, како што посочуваат од Владата за МИА, ќе биде разгледана, а потоа ќе биде информирано Собранието кое на седница треба да ја констатира.

Согласно процедурата, ќе биде предложено друго име на министерското место за локална самоуправа.

Доколку оставката на Милевски биде испратена до Собранието пред новата 86. седница, таа би можела да биде констатирана в четврток за кога е закажано ова парламентарно заседание.

Офијално сѐ уште нема информација кој ќе го наследи Милевски, иако во јавноста веќе циркулираат одредени имиња. Најсериозен кандидат е поранешниот лидер на ЛДП и во два мандати градоначалник на Скопје, Ристо Пенов.

Милевски вчера изјави дека се повлекува од лични причини. Новиот министер, според Милевски, нема да биде од редовите на пратениците.

Милевски ќе остане претседател на ЛДП сѐ до редовниот конгрес на партијата што треба да се одржи во декември кога ќе треба да се избере ново раководство. Тој е два мандати на чело на ЛДП и според очекувањата треба да си замине и од оваа функција. 

Горан Милевски беше многу резервиран околу францускиот предлог со чие усвојување почнаа преговорите на Македонија со ЕУ. Двајцата пратеници на ЛДП гласаа за предлогот во Собранието. Дали освен оваа промена ќе има и некои други нее јасно. Премиерот Димитар Ковачевски е на Генералното собрание на ОН во Њујорк, а вицепремиерот Артан Груби изјави дека не е планирана реконструкција на владата. Кабинетот на Ковачевски стапи на должност во јануари годинава.  (Н.В.)