Милевски побара спортот, а не политиката, да биде во центарот на мечот со Бугарија


Фото: Б. Грданоски

 

Утрешниот меч од фудбалската Лига на нации меѓу Македонија и Бугарија носи со себе значаен политички момент, па македонскиот селектор Благоја Милевски побара публиката да биде коректна и да навива фер и во центарот на мечот да биде спортот.

На денешната прес-конференција Милевски нагласи дека за време на гостувањето во Разград, бугарските домаќини и публиката биле многу фер и на таков начин треба да возвратиме и ние.

„Јас сум фудбалски работник, да им ја оставиме политиката на политичарите. Јас по првиот меч им се заблагодарив на Бугарите за приемот кој го добивме. Сега останува ние да им вратиме со исте мера. Мене ме интересира само спортскиот аспект и затоа ја повикувам публиката да биде фер и да навива коректно. Мојот личен став и оној на Федерацијата е идентичен, а тоа е гледање на овој натпревар само од спортски аспект“, рече Милевски и посебно нагласи дека во Разград ниту се исвиркувала македонската химна ниту имало други инциденти.

Тој нагласи дека со утрешниот меч репрезентацијата сака да докаже дека поразот од Грузија бил случаен. „Теренот на стадионот не е во добра состојба, јас лично барав да не се користи стадионот во последните 30 дена“, рече Милевски.