Милевски и Ристовски: Финска и Азербејџан генерална проба пред квалификациите за ЕП


Фото: Б. Грданоски

Македонската фудбалска репрезентација во Скопје ја очекуваат два контролни натпревари, против Финска утревечер од 18 часот и против Азербејџан, в недела со почеток во 14 часот на Националната арена „Тодор Проески“.

Селекторот Благоја Милевски истакна на денешната прес – конференција дека двата натпревари ќе послужат како генерална проба за квалификациите за ЕУРО 2024 кои стартуваат во март идната година.

-Лигата на Нации е зад нас. Сега не очекуваат два натпревари против Финска и Азербејџан како генерална проба пред квалификациските натпревари во март. Секако ќе пробаме различни варијанти кои ќе ни бидат во функција за сето она што не очекува на квалификациските мечеви, изјави Милевски.

-Неслучајно инсистирав да играме со квалитетни противници, Финска е супер тим, неслучајно се во вториот барабан за групите од европските квалификации. Натпреварот ќе ни покаже или ќе ни даде насока и правец што би требало да се промени или да се задржи за она што не очекува и во групната фаза. Знаете дека имаме квалитетна група и затоа ни се потребни овие контроли со квалитетни противници. Ќе има некои промени, особено што последните мечеви ни дадоа некои насоки, посебно во реализацијата дека треба да се подобриме. На тој момент не бев задоволен и се надевам во иднина ќе го промениме тој сегмент, додаде македонскиот селектор.

Репрезентативниот капитен Стефан Ристовски посочи дека и покрај физичкиот замор од згуснатиот календар, пристапот кон двата претстојни дуели ќе биде најпрофесионален.

-Дали чувствуваме замор од сезоната? Да, особено јас во Динамо имав многу натпревари почнувајќи од јуни. Но, можеби за некои играчи кои имаат слаба минутажа ќе дојдат добро. Не треба да бараме алиби, треба сите да сонуваат да играат за репрезентацијата која е светост. Овие два натпревари треба да ги одработиме на најпрофесионален начин и верувам дека тоа ќе го направиме. Приоритет на секој играч е да се победи, особено кога се игра за репрезентацијата. Не познавам некој играч кои сака само да впише минутажа. Без разлика на минатите резултати, секој меч ни е добредојден и низ вакви натпревари да се крене самодовербата. Многу е лесно да се изгуби самодоверба, но тешко е да ја добиеш. Затоа се потребни вакви натпревари, рече Ристовски.