Миле Јанакиески доби условна казна, Никола Груевски една ипол година затвор


Еден ден откако поранешната министерка за внатрешни работи беше спроведена на издржување законска казна, стигна пресудата и за поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, за случајот „Насилство во Центар“. Според одлуката на судот, екс премиерот Никола Груевски доби  една година и шест месеци затворска казна, додека  Миле Јанакиески доби  една година условна казна затвор ако четири години по правосилноста на пресудата не стори кривично дело.

Како извршители на насилства пред Општина Центар на 7 и 10 јули 2013 година, судијата Душко Јосифоски ги прогласи за виновни и им одреди условни казни од девет месеци на Александар Трајковски, Дарко Стојчевски, Трајче Петковски, која нема да се изврши ако во рок од 3 години не сторат ново кривично дело.
Обвинетите Даниел Трифуновски и Игор Бошковски добија условна казна затвор од 6 месеци која нема да се изврши ако во рок од две години не сторат ново кривично дело.Сите обвинети се задолжуваат солидарно да надоместат штета на Општина Центар во висина од  27 илјади денари.

Ова е прва пресуда против Јанакиески, против кого се водат други постапки и течат други судски процеси. Во четири од нив, тој е сообвинет со Груевски (ТНТ, Титаник, Траекторија, Организатори на 27 април).

Обвинетите во „Насилство во Центар“, се товарат за поттикнување насилство за време на протестите пред Општина Центар во јуни 2013 година. Обвинителката Фатиме Фетаи во завршниот збор побара од Судот казните за поттикнувачите на насилствата пред Општина Центар, Никола Груевски и Миле Јанакиески да бидат најстроги, за да се одвратат сите други од такви намери во иднина.

Како извршители на дејствата пред Општина Центар на 7 и 10 јули 2013 година, судијата Душко Јосифоски ги прогласи за виновни обвинетите Александар Трајковски, Дарко Стојчевски, Димче Крстев, Вангел Трифуновски и Трајче Петковски.  Обвинителството се откажа од гонење за лицата Даниела Рангелова, Милан Андонивски и Борче Богдановски.

Претходно за случајот вина признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни, додека за седмообвинетиот Димче Крстев се води одвоена постапка.

Првото рочиште за предметот се одржа на 12 декември 2016 година.