Милчо Манчевски на црвен килим во Скопје – македонска премиера на „Кајмак“


По Токио и Тајпеј, „Кајмак“ на Милчо Манчевски доаѓа дома. Македонската гала -премиера на „љубовната приказна за возрасни“ ќе се случи вечерва во 20, 15 часот во Македонска Филхармонија. Претходно, од 19, 40 часот, гостите ќе позираат на црвениот килим. Македонската радио телевизија, директно ќе се вклучи и во церемонијалот од црвениот килим на гала премиерата. 

Веќе од утре, четврток, „Кајмак“ почнува истовремено да се прикажува во речиси 30 градови низ целата земја. Киноприкажувањето низ Македонија започнува во четврток, 17 ноември и закажано е во Гостивар, Пробиштип, Делчево, Кавадарци, Крива Паланка, Куманово, Виница, Крушево, Струмица, Македонска Каменица, Тетово, Дебар, Берово, Неготино, Богданци, Кратово, Радовиш, Струга, Кичево, Охрид, Свети Николе, Прилеп и Штип. Премиерата во Битола и Гевгелија е закажана за 23 ноември. Во Скопје од 17 ноември филмот ќе игра во кината на Синеплекс и Милениум.

„Кајмак“ е црна комедија (или среќна трагедија) за две семејства кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот. Филмот  е безмилосна критика на малограѓанското лицемерие и апотеоза на индивидуалната слобода.

„Комшијата е најважната институција во една малограѓанска средина. Но, секое добро уметничко дело те кани да го ѕирнеш светот со поинакви очи. „Кајмак“ ја кани публиката да не суди, туку да сочувствува со ликовите – а сите тие се во исто време и жртви и душмани“, изјави Манчевски на прес конференцијата во Скопје.

Финансиери на филмот се Агенцијата за филм на Северна Македонија и државните фондови на Данска, Холандија и Хрватска, како и од европскиот фонд Еуроимаж. Македонската Радио Телевизија е копродуцент, а главни партнери на филмот се Алкалоид, НЛБ Банка и Виза; партнери на филмот се и Окта, Тиквеш, Витаминка и Дајмонд оф Скопје.

По сценарио и режија на Манчевски, во филмот играат: Сара Климоска, Камка Тоциновски, Александар Микиќ, Симона Спировска, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ, Петар Мирчевски, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов, Крсте Роџевски, Ратка Радмановиќ, Ана Димитрова, Никола Ристески, Ангела Димитрова, Соња Михајлова, Александра Пешевска, Ѓорѓи Јолевски, Љиљана Богојевиќ, Сара Станиќ и други.

Сцена од „Кајмак“

Македонски продуцент на филмот е Банана филм. Продуцира Јане Ќортошев. Продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Англија, директор на фотографија е данецот Улрик Боел Бенцен, монтажер Емил Нунинга од Холандија, дизајнер на звукот Херман Пиете, кастинг директор Милка Анчевска, костимограф Жаклина Крстевска, а дизајнер на шминка е италијанската легенда Марио Микисанти. Музиката е на култниот „Дејниш стринг квартет“, а дополнителната музика на Игор Василев-Новоградска. Во екипата беа вклучени и независни филмски работници од Англија, Италија, Србија и Бугарија.