Милановиќ го спореди центарот на Петриња со Грозни во Чеченија пред 20 години


Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска Петриња рече дека во касарната може да се сместат неколку стотици луѓе на кои им треба сместување по земјотресот, истакнувајќи дека градот ќе биде обновен со европски фондови.

– Армијата е тука и во касарната може да се сместат неколку стотици луѓе, семејства. Ова е ужас. Беше тешка година, ужасна. Ова е како да додадете повреда на рана. Градот ќе биде изграден. Загубен е детски живот, рече Милановиќ при обиколката на Петриња.

– Центарот на градот изгледа како Грозни во Чеченија пред околу 20 години. Луѓето се исплашени, рече Милановиќ.

Тој изрази надеж дека нема да има многу жртви, но, додаде тој, еден живот е исто така многу затоа што во последните 30 години луѓето се многу напатени.

– Секогаш ги погодува најсиромашните. Овој град е осиромашен. Тука има згради кои биле изградени со амбиции пред 150 години. Ќе бидат потребни многу пари. Пари ќе се најдат, рече Милановиќ и додаде дека му се јавил словенечкиот претседател Борут Пахор.

На новинарско прашање, тој рече дека не е загрижен дали Хрватска ќе добие доволно средства затоа што, потсети тој, и Албанија успеа да извлече над милијарда евра за разорниот земјотрес минатата година.

– Градот ќе биде обновен, но никој нема да може да ја надомести таа емоционална и духовна штета на луѓето, рече Милановиќ.

Тој исто така истакна дека градоначалникот на Петриња направил колку што можел за градот сите овие години. Додаде дека во Загреб гледал како Паромлин се тресе во земјотресот.

– Треба да размислиме за тоа и во Загреб, дека некои згради кои се стари и не се одржуваат, или се обновуваат или се уриваат. Дури повеќе ова второво. Но, Петриња ќе биде обновена со пари од ЕУ, рече хрватскиот претседател Милановиќ.