Милановиќ ѝ возвраќа на Бугарија: Доста ја „шутиравте“ Македонија


Кога имаш некаков внатрешно-политички проблем кој не можеш да го решиш тогаш секогаш можеш да удриш по Македонија. Тоа не е во ред, вели Зоран Милановиќ

Во кулоарите сите се згрозени од однесувањето на Бугарија, но треба да се излезе јавно и да се каже то, вели хрватскиот претседател. Македонија ги исполни сите демократски стандарди што може да се замислат, рече Зоран Милановиќ

 

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска ги отфрли забелешките на Софија со кои му беше забележано за неговата изјава за Македонија и рече дека треба да престане да се „шутира“ нашата држава.

„Македонија се навикнаа да ја третираат како ‘side kick’, некој кој го шутираш од страна и ако имаш некаков внатрешно-политички проблем кој не можеш да го решиш тогаш секогаш можеш да удриш по Македонија. Тоа не е во ред“, рече денеска Милановиќ одговарајќи на новинарско прашање.

Тој нагласи дека Македонија ги исполни сите демократски услови за почеток на пристапните преговори со ЕУ. Милановиќ во понеделникот на самитот на процесот Брдо-Бриони ја критикуваше Бугарија со многу остри зборови велејќи дека Софија го условува влегувањето на Македонија во ЕУ со „измена на историските учебници“.

Според него, „таа држава и тој народ досега платија прилично висока цена“.

„Тие играат многу примерно и според правилата. Тие ги исполнија сите демократски услови што може да се замислат, тоа е мултинационална заедница во која има многу Албанци и таа соработка е примерна“, додаде Милановиќ.

Тој исто така потсети дека Македонија, меѓу другото, „се покори на грчките барања да се стави Северна пред името Македонија“.

„Конечно ги примија во друштвото на мртви поети и сега оваа состојба која навистина влегува во интимен простор“, рече претседателот, тврдејќи дека земјата е „жртва на недостаток на интерес и, ако сакате, на елементарна емпатија“.

„Ова не се прави во 21. век. Апсолутно не е основа за утрешниот соживот во Европската унија“, рече Милановиќ.

Тој направи паралела со притисоците на Словенија за време на процесот на пристапување на Хрватска во ЕУ, велејќи дека условите биле „рационални, можеби и меркантилни“.

„Но, тоа е дозволено, таа никогаш не нè потопуваше со намера да нѐ удави“, смета Милановиќ.

Тој исто така рече дека што го кажува го мислат сите и дека станува збор само за тоа кој се осмелил да го каже, односно, ако не се осмелил, зошто не се осмелил.

„Би сакал и другите да го кажат тоа, сите коментираат во кулоарите и се згрозени“, рече Милановиќ. (Н.В.)