Миланов бара да се повлече обвинението за 27 април по сведочењето на Заев


Адвокатот Еленко Миланов смета дека сведочењето на Зоран Заев мора да се сфати сериозно, бидејќи тоа го говори човек кој има пристап до сите безбедносни информации во државата.

Ако првиот човек на државата во изминатите четири години како премиер, со пристап до сите безбедносни информации, каже дека организатори за настаните од 27 април сигурно не се Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Трајко Вељаноски, мислам дека е сосема релевантна информација која може да се земе предвид и треба ова обвинение во таа насока и да оди, односно истото да биде повлечено, изјави тој по денешното рочиште.

Прашан дали го изненадил ваквиот исказ на премиерот Зоран Заев, Миланов, рече дека иако е сведок на одбраната, нема пристап и можност за негов распит и да им даде појаснување на одговорите.

– И ние бевме изненадени од неговиот исказ, но сепак искреноста е добредојдена, изјави Миланов, кој е бранител на Трајко Вељановски.