Милан Предан, нов амбасадор на Словенија во Македонија

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Словенија, Милан Предан. Претседателот Пендаровски изрази задоволство од одличните билатерални односи и од успешната соработка меѓу двете земји кои се карактеризираат со интензивна соработка, безрезервна меѓусебна поддршка и почитување.

Во контекст на справувањето со пандемијата на Ковид-19, Пендаровски се заблагодари за помошта која Словенија, уште на самиот почеток на кризата, ѝ ја додели на Македонија, како и за успешната координација меѓу двете држави во однос на практичните искуства и решенијата за надминувањето на оваа болест.

Амбасадорот Предан заблагодарувајќи се на топлото добредојде истакна дека пријателството и партнерството кои двете земји започнаа да ги градат во времето на поранешната заедничка држава, се зајакнаа во периодот по независноста на двете земји, додавајќи дека односите секогаш биле искрени, без скриени агенди, засновани на взаемна доверба и разбирање едни на други, овие односи денес се одлични и без отворени прашања, што е посебна скапоценост.

Предан го изрази своето уверување дека Словенија и понатаму ќе застане покрај Северна Македонија и со своето знаење и искуство ќе помага на патот кон полноправно членство во ЕУ. „Бевме силни поддржувачи на на вашето членство во НАТО и сме силни поддржувачи на што побрзиот почеток на вашите преговори со ЕУ“, рече Предан.