Милан ќе му понуди на Ибрахимовиќ договор со плата од три милиони евра годишно плус бонуси


Шведскиот фудбалер Златан Ибрахимовиќ може да го продолжи договорот со Милан. „Росонерите“ се подготвени да му понудат нов договор на напаѓачот кој во октомври ќе наполни 41 година. Сепак, Златан ќе мора да прифати значително намалување на платата.

Сега тој заработува седум милиони евра годишно. Според новиот договор, миланезите се подготвени да му плаќаат три милиони годишно. Заедно со бонус – за одиграни натпревари и голови – сумата може да се искачи на пет милиони, објави „Sportmediaset“.

Ибрахимовиќ за својата иднина ќе одлучува по мартовските бараж средби за Светското првенство во 2022 година. Тој сака да игра со Шведска на Мундијалот во Катар.

Ибрахимовиќ има постигнато осум гола на 15 натпревари во Серија А и е најдобар стрелец на Милан во ова натпреварување.