Миќуновиќ: Освен што е омаж за Горан Стефановски, новата премиера е и мој омаж за славата на Драмски театар


Губењето на сигурноста, губењето на сопственото  уточиште во друштвено-политички околности, е тема на новата претстава „Моето име е Горан Стефановски“, во режија на Бранислав Миќуновиќ, чија премиерна изведба ќе се одржи задутре (31 март) во Драмски театар Скопје, по што на 1 и 2 април се предвидени уште две изведби.

Претставата, како што беше речено денеска на прес-конференцијата по повод премиерата, го поставува прашањето на релевантноста и актуелноста на современата човекова дилема во свет во кој „се’ е на продажба и во време во кое интересите и моќта се поважни општествени категории од поединечното право на слобода и сигурност“. На конференцијата беше истакнато дека во изминативе години, особено во периодот на пандемија, се отвориле многу прашања на кои Стефановски, сигурно би сакал да одговори лично, да заземе став и да напише нова драма.

-Оваа претстава не може да го надомести отсуството на еден од најзначајните драмски писатели и драматурзи од овој наш простор, но може да ни укаже дека она што ни се случува и како живееме денес, веќе е запишано во неговиот опус,  рече драматургот Бранислава Илиќ.

Режисерот Миќуновиќ, пак, посочи дека претставата е омаж на делото и описот на Горан Стефановски.

-Претставата се роди од мојата посветеност кон Горановото дело и од сеќавањето на нашето пријателство. Таа е моја исповед пред пријателот, мој сценски одговор на неговите драмски теми. Моја посвета на неговиот опус кој, низ неколку негови драми, сакав да го преставам пред современата театарска јавност и уште еднаш да потсетам на тоа дека неговите катарзични теми се се’ поактуелни. Драматично поактуелни. Преку чистењето на просторот на претставата од излишни илустрации и тргнувајќи од потребата да не се загубат неговите зборови за нашите национални, индивидуални и колективни страдања, сакав гледачите да излезат од претставата со длабоки емоции што ќе ги задржат во долго сеќавање. Ова, освен што е омаж за Горан, е и мој омаж за славата на Драмски театар, рече Миќуновиќ.

Тој се осврна и на состојбата во која се наоѓа Драмскиот театар и истакна дека тетарот заслужува во нов сјај да ја продолжи својата слава.

Сценографија за претставата е на Александар Дениќ, а авторската музика на Влатко Стефановски. Улогите ги толкуваат актерите: Биљана Драгиќевиќ –Пројкоска, Јелена Жугиќ, Софија Куновска, Соња Стамболџиоска, Ана Димитриова, Мето Јовановски, Драган Спасов – Дац, Игор Ангелов, Златко Митрески, Стефан Вујисиќ, Дамјан Цветановски, Саша Димитриевска.