Мијатовиќ против МПЦ, бара да се усвојат родовите права


Во писмото упатено до македонскиот парламент кое е објавено денеска, комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, силно ги охрабрува тековните напори за усогласување на македонската правна рамка со стандардите на Советот на Европа во областа на правното признавање на полот за трансродовите (транс) лица.

Мијатовиќ смета дека усвојувањето на претстојните измени на Законот за матичните книги  би претставувале клучен чекор во извршувањето на пресудата на Европскиот суд за човекови права во случајот X v. „поранешна југословенска Република Македонија“ од 2019 година, во која Судот утврди повреда на член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) од Европската конвенција за човекови права поради отсуство на брзи, транспарентни и достапни процедури во националното законодавство за родово признавање. Комесарката нагласува дека „извршувањето на пресудите на Судот е камен-темелник на заштитата на човековите права во регионот на Советот на Европа“.

Комесарката  забележува дека пристапот до законско признавање на полот е од клучно значење за да се спречи дискриминација и насилство врз транс луѓето. Таа понатаму ја нагласува клучната улога на членовите на парламентот во борбата против постоечките општествени предрасуди и нетолеранција кон ЛГБТИ луѓето и ги повикува да се спротивстават на притисокот од групите кои сакаат да го поткопаат целосното почитување на човековите права.