Мијалков за новинарката е „телефонистот“, за Камчев е „пријателот“


Поранешните блиски пријатели, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, се соочија во судница: Камчев како сведок на Специјалното јавно обвинителство, а Мијалков како обвинет во случајот „Тортура“ за нечовечкото апсење на поранешниот министер Љубе Бошкоски. Сепак, нивните погледи во судница не се сретнаа ниту еднаш, а Камчев пред судиите и обвинителите изгледаше опуштено и самоуверено.

Неговото сведочење започна откако судијата ги прочита неговите лични податоци. Кога судијката стигна до прашањето дали е државјанин на Република Северна Македонија, Камчев рече: „Само Македонец“. Првото прашање што му го постави обвинителот на Специјалното јавно обвинителство Љубомир Лапе на Камчев беше „Како сте, господине Камчев?“, а потоа продолжи да го прашува за разговорот што го воделе со новинарката Оливера Трајковска, а во кој се споменува случајот „Тортура“, односно апсењето на Љубе Бошкоски. Во него Трајковска му вели на бизнисменот дека не ѝ се допаѓа апсењето на Бошкоски, еден ден по изборите во 2011 година.

Првично Камчев се обрати до судот револтиран дека јавноста била изманипулирана со тврдењето дека тој добил решение за да се појави како сведок на минатото рочиште.

„Зошто ја изманипулиравте јавноста и направивте само театар“, прашуваше Камчев и тврдеше дека не ја примил лично поканата бидејќи бил во Бугарија. Во сведочењето тврдеше дека за апсењето на Бошкоски се информирал од медиумите, односно разбрал дека едно лице било уапсено бидејќи зело пари за да преговара за промена на името. „Знам дека МВР спроведе акција за мито и корупција, бла, бла, бла… не сум ниту обвинител ниту судија, толку знам“, рече Камчев. Дента, според неговото сведочење, за овој настан разговарал со многумина бидејќи предметот бил интересен.

„За тоа сигурно зборувале многумина дента, присутните, па и судијката. Не е забрането да се зборува за криминал“, рече Камчев.

Тој не се сети дека дента се слушнал конкретно со Трајковска. Разговорот што го има СЈО како доказ за него не е вистинит и се сомнева дека тие разговори се сечени, лепени и монтирани, став кој цело време го промовира ВМРО-ДПМНЕ.

За разлика од него, Трајковска потврди дека разговорите што беа објавени се автентични. Новинарката се сети на неколку детали од денот кога разговарала со Камчев, при што главната поента од целото сведочење на Трајковска и Камчев беше дека тој знаел дека ќе го апсат Љубе Бошкоски и ѝ го најавил тоа на Трајковска на телефон.

„Од снимките што ги слушнав, можам да кажам дека немам ништо дополнително да кажам. За настанот немам што да додадам. Знам за настанот, на 6 јуни, бев на работа. Тоа беше несреќен ден, да бидам во студио и да ги слушам резултатите“, рече Трајковска. Таа вели дека дента имала повеќе телефонски разговори, а разговарала и со Јордан Камчев. Кажа дека нема потреба да го повторува разговорот.

„На Камчев му кажав дека сум прилично разочарана од настаните, а Јордан ми кажува дека ќе се случи нешто за еден час“, рече Трајковска. Оваа информација на Камчев, според сведочењето на новинарката, му ја пренел Мијалков.

„Ние во разговор имавме навика да го наречеме ’пријателот‘. Јас го викам ’телефонистот‘ и тоа сите го знаат. Тоа се однесува на Сашо Мијалков. Тој му кажал дека ќе се случи нешто“, рече Трајковска.

Таа пред ресторанот „Воденица“, каде што беше апсен Бошкоски, поминала по настанот. Но таму сè уште биле новинарските екипи. Од нејзината тераса перспективата била појасна. Првично помислила дека Бошкоски има прес-конференција, но кога го видела неговиот адвокат сфатила дека станува збор за нешто друго.

На крајот на нивното сведочење никој, освен обвинителот немаше прашања ниту адвокатите, ниту судот, ниту обвинетите. „Немаме прашања“, рече Мијалков.

Прва сведочеше новинарката Трајковска, а додека сведочеше Камчев таа седеше во судница и го слушаше иако имаше можност и да излезе. Сепак, двајцата заедно го напуштија судот, а пред камерите се гушнаа и позираа.

Третиот сведок, повикан за денешното рочиште Иво Котевски, не беше присутен, поради неможност на органите за прогон за негово лоцирање на адресата на живеење.

Во „Тортура“, за кривичното дело мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување при апсењето на Љубе Бошкоски, покрај Мијалков, обвинети се уште поранешниот прв човек на единицата „Алфа“, Ивица Антевски-Пуки и уште петмина припадници на единицата.

Фросина Факова – Серафиновиќ