Мијалков веднаш по изборите на слобода


Фото: Б. Грданоски

Помалку од 24 часа по затворањето на гласачките кутии и изборот на Стево Пендаровски за претседател, поранешниот шеф на тајната полиција е пуштен на слобода, односно укинат му е и куќниот притвор кој му беше одреден за „Титаник 2“. Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 за куќниот притвор на Мијалков одлучувал по службена должност откако изминал законскиот рок и Мијалков не можел законски да биде дома во притвор повеќе од 60 дена.

„Согласно член 481 ст.4 од ЗКП, кога судот ќе изрече во пресудата казна затвор може да определи обвинетиот да се стави во притвор , односно да остане во притвор, ако постојат причините од член 165 ст. 1 т. 1,2 и 3. Притворот во таков случај може да трае до правосилноста на пресудата, но најдолго до 60 дена. Против ова решение странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд“, соопштија од Кривичен суд.

Мијалков има обврска еднаш неделно да се јавува во судот, привремено му е одземен пасошот, не смее да му се издаде нова патна исправа и има забрана да ја преминува границата со лична карта.

На 8 март Мијалков беше осуден на три години затвор за изборни нерегуларности во Струмица и истиот ден од куќен притвор, кој му беше определен за случајот „Империја“, беше спроведен во затворот во Шутка. Дваесетина дена подоцна Апелацискиот суд ја прифати неговата жалба и од затвор пак беше вратен во куќен притвор. Но, веднаш по изборите Мијалков е пуштен на слобода, а во меѓувреме Врховниот суд му го укина и притворот за „Империја“.

Според обвинението од СЈО, Мијалков како директор на УБК и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го искористил своето влијание и преку Мендух Тачи договорил да се усвојат приговорите за прегласување на три избирачки места во Струмица на локалните избори 2013 година.

Пресудата за „Титаник 2“ не е правосилна и одбраната има право на жалба до Апелацискиот суд, кој треба да ја потврди за да стане извршна. Потоа обвинетите имаат право на жалба и пред Врховниот суд каде што над овие случаи е надвиснато правното мислење на судиите кои го прогласија Обвинителството за неовластен тужител, но и влијанието на новиот предлог-закон на Владата што треба да биде изгласан во Собрание. Името на Мијалков се споменуваше во обезбедувањето гласови на пратениците за Преспанскиот договор. Откако беше обезбедено мнозинството за првите уставни измени и по бегството на поранешниот премие Никола Груевски, Мијалков заврши во притвор, но околу Нова година таа мерка беше сменета во куќен притвор. (Ф.Ф.С.)