Мијалков со своја приказна: Некој го прислушувал дури и началникот


Кога за прв пат во јавноста одекнаа „бомбите“ на опозицијата, тогашниот премиер Никола Груевски излезе на прес конференција и тврдеше дека „бомбите“ се дело на странски служби, односно дека се снимало со жолто комбе. Ова тврдење на Груевски вчера воскресна во Кривичниот суд додека поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков се обидуваше да го „разобличи“ клучниот сведок за масовното прислушување, Звонко Костовски. Мијалков не спомена ниту странски служби, ниту жолто комбе, но тврдењата на Костовски и неговиот колега, Ѓорѓи Лазаревски кои ја открија аферата дека во УБК масовно се прислушувале илјадници граѓани, ги нарече приказна за која нема докази. Поранешниот директор, сега во својство на обвинет, го испрашуваше својот порано подреден, со ливчиња хартија во рацете на кои уредно ги подготвувал своите прашања. Преку нив сакаше да ја разубеди јавноста дека некој друг прислушувал, а таргет на прислушувањата бил и самиот Мијалков. Тој се обиде да ги обвини двајцата „свиркачи“ дека зеле пари за да ги изнесат разговорите.

„Дали знаете дека на сметка на Лазаревски и на негови членови на семејството се најдени 100.000 евра, а кај вас има акции во вредност од 40.000 евра?, рече Мијалков.

Костовски не сакаше да зборува во име на Лазаревски, а за обвинувањето за себе рече дека е лага.

„Тоа се шпекулации. Го молам судот да провери и да достави докази. Тоа е лага“, беше дециден Костовски.

Според поранешниот директор, не може да докаже дека се прислушувало во УБК, односно никој не може да докаже дека разговорите не се снимале преку мобилни тактички уреди, некој да седне со лап топ во некој стан или автомобил и да ги снима разговорите. Ова тврдење Мијалков го поткрепуваше со објаснување дека иако целта на двајцата „свикрачи“ била да докажат дека се снимало во МВР, целата содржина на разговорите ја искреирале во формат со кој не може да се докаже дека разговорите биле снимани на машините во МВР. Тој го потсети Костовски дека заедно двајцата присуствувале на презентација на израелска опрема и на лап топ им било покажано како може да се снимаат истовремено 30 телефонски броеви кои биле на најблискаа базна станица. „Како може да гарантирате дека некој друг, на ваков начин не снимал“, го праша Мијалков сведокот. Тој го праша Костовски како е сигурен дека прислушувањето било во УБК, кога израелската компанија изготвила извештај каде посочила дека во главниот град се прислушува од уреди кои не се во сопственост на МВР. Костовски одговори дека квалитетот на разговорите е показател дека снимањето било од УБК.

Според Мијалков, системот за прислушување во УБК  никогаш не работел со полн капацитет, но според сведочењето на Звонко Костовски, имало ситуации кога системот бил блокиран, па се барало да се зголеми капацитетот на броеви. Костовски пак тврдеше дека дел од таргетите кои требало да се маркираат биле ставени на чекање.

„Беа испраќани дописи до Македонски телеком и до Ериксон да го зголемат бројот на над 2.000 броеви“, рече Костовски.

Според пресметките на Мијалков годишно се прислушувале од 300 до 400 броеви. Но, математиката на Мијалков не се поклопува со онаа на обвинителството. Според СЈО, нелегално се прислушувани најмалку 6.000 таргети, односно броеви од ВИП и ОНЕ, без броеви од Телеком, од каде што не соработуваа со СЈО.И сега за време на судскиот процес, Мијалков се враќа на првичната приказна на тогашната власт дека Костовски и Лазаревски прислушувале неовластено, а Лазаревски кој беше обвинет и во случајот „Пуч“ заврши во Шутка.

Мијалков се наврати и на аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов којашто го опфати и Костовски. „Дали аболицијата важи само за вас“, беше прашањето кое судот не му го дозволи на Мијалков. „Свиркачите“ кои во јавноста беа прикажани како херои кои го откриле децениското прислушување, за Мијалков се луѓе кои одработувале за некој друг.

За масовното прислушување, против Мијалков наместо обвинение е поднесен обвинителен предлог и е предвидена затворска казна од најмногу пет години. Клучните сведоци за масовното прислушување, поранешните разузнавачи Горан Грујевски и Никола Бошкоски избегаа во Грција. (Ф.Ф.С.)