Мијалков останува без пасош, а Кочан заминува во затвор


Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков останува без пасош, односно Кривичниот совет го одби неговото барање да му го врати пасошот за да оди на операција на желудникот во Прага.

Советот одржал седница и ја разгледал медицинската документација на Мијалков, но одлучиле дека неговото барање е несоновано.

Против ова решение Мијалков може да се жали до Апелацискиот суд во рок од три дена.

Неговата одбрана бараше да му го вратат пасошот за да оди на операција во странство, но првото негативно мислење стигна од обвинителката која го водеше случајот „Титаник 2“, Фатиме Фетаи, предмет во кој е осуден на три години затвор и за којшто му беа одредени мерки на претпазливост.

Обвинителката дала негативно мислење бидење бидејќи во ниту еден документ не стоело дека Мијалков мора итно и неодложно да се лекува во странство.

Тој не бил прегледан ниту на Клиниката за гастроентерохепатологија, а од таму само ја известиле одбраната дека методата за лекување која ја бара Мијалков ја нема во Македонија, но за да се прави таква интервенција пациентот мора прво да биде прегледан на Клиниката и да добие конзилијарно мислење дека треба да се оперира за да ги реши желудочните кислени кои му предизвикуваат рефлукс на хранопроводот.

Одлука има и за барањето на бизнисменот Сеад Кочан, кој бараше да му биде одложена затворската казна поради здравствени проблеми. Сепак Кривичниот совет на на 26 јули одржал седница, на која го прифатил решението на судијата за извршување на санкции. Според ова решение, Кочан треба веднаш да се јави на издржување на затворската казна.

Тоа значи дека Кочан треба деновиве да се јави на издржување на затворската казна во затворот „Идризово“, доколку не се појави во одредениот рок, затворот треба да го извести судот, па тој да му даде рок или да биде стражарно приведен.

Кочан е осуден на затворска казна од четири години и осум месеци во предметот на СЈО, „Труст“.Здравствените проблеми се главната причина поради која осомничените или осудените во случаите на СЈО ја избегнуваат затворската казна. (Ф.Ф.С.)