Мијалков: Никогаш не сум дал наредба за прислушување!


Фото: Б. Грданоски

Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, денеска во првото сведочење за незаконското прислушвање, рече дека никогаш и никому не му дал наредба да врши преслушување.

„Тоа не е точно, јас не сум имал можност и привилегија да давам такви наредби. Никогаш никому, ни писмено но усно, сум дал наредба да изврши какво било дејствие во насока на следење на комуникации. Во текот на постапката исто така видовме дека нема ниту еден доказ за такво нешто. Еден датум, за конкретна личност или телефонски број, прислушувал со моја наредба, не видовме на ова судење”, рече Мијалков, пренесува СДК.

Мијалков исто така тврди дека нема ниту еден доказ дека снимените разговори се од Управата и дека во тој објект се вршело прислушувањето, тврдејќи дека лесно можело да се врши прислушување надвор од системите на УБК.

„Од израелска компанија ми беше презентирана високософистицирана опрема, дека е можно следење на комуникации на мобилната телефонија надвор од Управата, преку телефонските оператори. Опремата беше составена од 3 лаптопа и една мала антена од неколку сантиметри. Таа опрема ја нарекуваат дпл, за детектирање, превенирање и лоцирање. На еден од лаптопите пред сите излезе телефонска комуникација од повеќе разговори, преку нашите мобилни оператори. На презентацијата беше и Ѕвонко Костовски”, тврди Мијалков.

 

Поранешниот премиер Груевски, во 2015 година тврдеше дека странски служби со жолти камбиња преку двојни базни станици го вршеле масовното прислушување. Мијалков коментираше:

„Таа опрема може да лоцира и други системи кои во моментот прислушуваат. На презентацијата опремата потврди дека во истиот тој момент работат други 3 системи за кои тие мислеа дека е тактичката опрема на МВР. За жал тоа не беа системи на УБК”, рече Мијалков.

Претходно на прашање на неговиот бранител Љупчо Шврговски, кој му посочи дека според обвинението, во 2008 формирал злосторничко здружение со намера да ја злоупотреби службената положба и овластувањата, тој се бранеше:

„Апсолутно неточно. Јас наводно сум формирал да се создаде ваква група, но јас Надица Николиќ како еден од создавачите на групата, не ја познавам. Ја запознав кога се случи аферата со прислушувањето. На другиот создавач Горан Грујовски никогаш не сум му дал таква наредба за формирање група за таква цел“, рече Мијалков кој исто така негираше дека со лозинка влегувал во системот и сам слушал од неговиот камбинет.