Мијалков: Мицкоски води хајка против мене


Насилството врз новинари е неприфатливо и доколку имало таков случај го повикувам МВР да го расчисти, напиша на Фејсбук поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, откако денеска новинарот Љупче Златев обелодени за јавноста дека бил нападнат од обезбедување на Мијалков.

-Ниту некој од моето семејство, ниту некој од моето обезбедување кое е составено од професионалци не учествувал во никаков инцидент и сигурен сум дека тоа ќе се докаже откако ќе се расчистат сите детали. Тоа што во моментов се прави е реализација на уште една хајка против мене, преку медиумите под контрола на Христијан Мицкоски. Во изминативе две години Мицкоски нарачуваше десетици измислени и неточни текстови само за да ја покрие сопствената неспособност да ја води партијата и да понуди визија која што ќе ги привлече граѓаните- напиша Мијалков.

-Измислуваше дека тестовите за Ковид 19 кои што беа донирани биле неквалитетни, пишува Мијалков, а се најдобрите во светот.Измислуваше дека сум добивал тендери во здравство , а немам никаков допир со тој бизнис.Вчера измисли дека сум имал стан во Охрид, а денес измисли дека моето обезбедување учествувало во физички напад и за тоа ги злоупотребува медиумите блиски до партијата. Затоа ќе ти порачам, Христијан занимавај се со тоа што ти е работа. Три години времето го трошиш на мене, наместо да работиш на програма и понуда. Три години го трошиш просторот во медиумите кои се критички кон власта за пласирање на лаги за мене, наместо да го искористиш за обединување на членството и жесток и конструктивен напад кон власта. Видовме до каде те доведе тоа. Наместо сигурна победа, сега секој член на ВМРО ДПМНЕ е во исчекување дали ќе направиш влада. Малку време ти остана, а ти наместо да преговараш со потенцијални партнери за коалиција и да обезбедуваш меѓународна поддршка, повторно се занимаваш со мене- стои во објавата на Мијалков.

Твој е изборот, вели тој, но да знаеш дека и јас и останатите членови на ВМРО ДПМНЕ очекуваме да успееш да го исполниш последното ветување да составиш влада, и ќе бидам еден од првите кој што ке ти честита, но доколку не успееш тогаш очекуваме да имаш доблест и да си стоиш на зборот дека ќе си поднесеш оставка.

Златев пак денес порача дека ќе го замолчат само ако го убијат.Мотивот за нападот според Златев е текст кој вчера го објави на порталот „Лидер“, дека поранешниот шеф на УБК купил луксузен имот покрај Охридското езеро. Tекстот се базираше на фотографии објавени на социјалната мрежа „Твитер“ од непознат корисник, кои имаа намера да го дискредитираат повикот на Сашо Мијалков од претходниот ден за смени во раководството на ВМРО-ДПМНЕ.