Мијалков излегува од Шутка


Поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков заминува од затворот во Шутка, откако Апелацискиот суд му ја промени мерката за обезбедување и наместо затворски притвор му одреди куќен притвор. Исто така куќен притвор му е определен и на поранешниот член на ДИК, Бедредин Ибраими.

На двајцата обвинети им беше определен притвор по изрекувањето на пресудата за случајот „Титаник 2“, односно за изборните нерегуларности за кои беа обвинети во Струмица.

На поранешните членови на ДИК, Влатко Сајковски и Сашо Срцев им остануваат мерките за претпазливост и нивните жалби се одбиени како неосновани. Единствено на обвинетата Анета Стефановска и се сменети мерките за претпазливост и наместо во судот во Скопје, еднаш неделно треба да се јавува во судот во Битола.
Во првостепената пресудата за „Титаник 2“ Мијалков е осуден на три години затвор, Мендух Тачи на три години и два месеци, Бедредин Ибраими на четири години и шест месеци, а Влатко Сајковски, Сашо Срцев и Анета Стефановска добија по три години затвор.

Кривичниот суд го прифати барањето на СЈО и им определи притвор на Мијалков и на Ибраими, а останатите четворица осудени добија мерки за претпазливост.

Според обвинението од СЈО, Мијалков како директор на УБК и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го искористил своето влијание и преку Мендух Тачи договорил да се усвојат приговорите за прегласување на три избирачки места во Струмица на локалните избори 2013 година.