Мијалков излегува од притвор, Маричиќ остро против

Апелацискиот суд ја прифатил гаранцијата од 11 милиони евра. Министерот за правда бара од судиите што го ослободија да објаснат врз основа на што ја донеле одлуката


Фото: Б. Грданоски

 

Апелацискиот суд во Скопје ја прифати гаранцијата вредна 11.106.501 евра
(во движен и недвижен имот), па поранешниот директорот на УБК, Сашо Мијалов, излегува од притвор, јави „360 степени“.

Била прифатена жалбата на Мијалков и решението за притвор е преиначено со прифаќање на гаранцијата. Апелацискиот суд сега му одредил на Мијалков мерка на претпазливост, односно одземање на пасошот и обврска за јавување на суд.

Сашо Мијалков ќе го напушти притворот кога ќе завршат административните процедури поврзани со понудениот имот како гаранција.

По оваа вест веднаш реагираше министерот за правда Бојан Маричиќ. „Одлуката на Апелацискиот суд во Скопје да го пушти од притвор Сашо Мијалков ја намалува и онака разнишаната доверба на граѓаните во судовите“, напиша на Фејсбук Маричиќ.

Потсетувам, пишува министерот за правда, дека Мијалков беше лице под реален ризик за бегство и повод за настани кои ја вознемирија целата македонска јавност.

„Судиите на Апелацискиот суд во Скопје, Ѓоко Ристов и Енвер Беџети, кои ја донесоа оваа одлука треба да ѝ објаснат на јавноста врз кој основ ја донеле ваквата одлука и на кој начин ќе ја преземат одговорноста доколку се случи повторно ризик од бегство. Иако судот е независен, должен е јавно да ги објаснува своите одлуки за да можат граѓаните да веруваат во судството. Апелирам до Судскиот совет да испита по која основа судиите ја донеле оваа одлука“, напиша Маричиќ на Фејсбук.

Мијалков во два судски процеси е осуден на 20 години затвор.  Тој издржува мерка притвор во предметот „Трезор“, каде е неправосилно осуден на осум години затвор. Мијалков има првостепена пресуда и во случајот „Таргет – Тврдина“ со која е осуден на 12 години затвор, а обвинет е и во случаите „Плацови на Водно“ и „Титаник 2“, а осомничен е и во предметот „Империја“. Во „Тортура“ доби ослободителна пресуда.

Сашо Мијалков се наоѓа во затворот во Шуто Оризари од 26 февруари годинава, откако претходно неколку дена беше во куќен притвор.