Мијалков излегува од „ферари“ во Монако пред славниот ресторан „Луј 15“


 

Додека во Македонија се водат дебати за тоа како избега Артан Груби,  а САД го ставија на црна листа него и апелацискиот судија Енвер Беџети поради корупција поврзана со случаите на Сашо Мијалков, поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање е снимен како излегува од луксузно црвено „ферари“ во Монте Карло, Монако. „Ферарито“ има регистрација на Монако. Во Монако студираше неговиот син Јордан, кој сега главно ги води бизнисите на семејството во Македонија. Видеото го објави порталот Скопје1.

Според деталите што можат да се видат на снимката тој влегува во луксузниот ресторан „Луј 15“ на славниот готвач Ален Дукас, со три Мишелин ѕвезди. Ресторанот е во хотелот „Париз“. Просечната цена на оброк во овој познат ресторан во гастрономскиот свет е околу 250 евра. Ресторанот „Луј 15“ е еден од најпрестижните во Монако. Во објаснувањето за понудата се вели дека секоја чинија со храна била посебна уметност.

Внатрешноста на суперлуксузниот ресторан „Луј 15“

Мијалков беше обвинет и осуден за повеќе дела што ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство, но главно му застареа. Од сите дела, одлежа казна само за случајот „Империја“ во кој во спогодба со Јавното обвинителство призна вина и доби тригодишна затворска казна и конфискација на имот. Тогашната шефица на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска, тврдеше дека имотот вредел 30 милиони евра, но подоцна му беше проценет на речиси двојно помал износ.