Михајловиќ откри: Имам леукемија, плачев со денови…


Тренерот на италијанска Болоња, Синиша Михајловиќ одлучи да ја прекине професионалната кариера за да се соочи со тешката болест која му е откриена при неодамнешните медицински тестови. Докторите го предупредија дека лекувањето мора да го продолжи со агресивни третмани.

„За жал, или за среќа, изведов некои тестови кои покажаа аномалии што ги немав пред четири месеци. Ми кажаа дека имам леукемија. Тоа беше вистински удар за мене. Седев и плачев со денови, животот ви минува пред очи. Но, ова сега не се солзи на страв. Ја почитувам болеста, ќе се соочам со неа и морам да ја победам заради мене, децата, семејството и сите што ме сакаат“, рече 50-годишниот Србин роден кај Вуковар во Хрватска.

Тој вели дека едвај чека да оди во болница и да започне со битката. На своите фудбалери им се јавил телефонски и им ја соопштил вистината.

„Тоа е акутна леукемија. Се обложувам дека мислевте оти јас сум последниот човек кому може да му се случи ваква болест. Тренирам редовно, силен сум, на 28 февруари бев на преглед и добар бев. не чувствував болка или умор. Мојот татко почина од рак, па редовно се тестирам. Да не направев вакви тестови, сигурно уште една година немаше да има никакви симптоми. Сепак, да ја откриете болеста после два месеци или една година прави голема разлика. Би сакал преку мојот пример и другите да одат на редовни контроли. Полесно е да се борите доколку ја следите ситуацијата, тестирани сте и подготвени. Плачев со денови, но не сакам другите да доаѓаат крај мене и да ме сожалуваат“, изјави тој на попладневната вонредна прес-конференција во Болоња.