Михаил Корубин со графика која го симболизира „Алкалоид“: Ги насликав минатото и сегашноста на нашето здравје


Графиката како симболика го претставува постоењето на Алкалоид како една долга и успешна приказна и како компанија која се залага за здравје и долг живот, вели Корубин за новиот уметнички предизвик во разговорот за „Независен“

Лејла Сабит

Неговата уметност како  една бескрајна приказна, со поглед кој ви ја гледа душата  и со елегантни раце , ве следи како нов креативен предизвик во раскажувањето на безвремената и успешната приказна на Алкалоид –долга 85 години, одбележана синоќа во Скопје со ретроспективна изложба и донација од четири милиони денари за Клиниката за детски болести. Графиката на Корубин, специјално изготвена за алкалоидовиот јубилеј, ја доловува паралелата меѓу минатото и сегашноста. Безвременоста.

Таа во помала димензија ја краси поканата за јубилејот, а во поголем формат е претставена на паното, закачено на Музејот на град Скопје, како најава за ретроспективната изложба. Според графиката, во моментот тој изработува слика (масло на платно) која ќе треба да остане во ризницата на Алкалоид. Од процесот на сликање се прави и видео кое ќе оди како рекламен спот за Алкалоид-уметност во индустријата.

-Драго ми е што ме побараа за овој проект, им посакувам уште поголем раст и успех во годините кои што доаѓаат, ни изјави Корубин ексклузивно за „Независен“ .

Што го инспирирало да даде свој уметнички печат на компанија од областа на здравството?

-Темата на ова дело е живот и здравје со која се одбележува и прославува 85 години од постоење на Алкалоид-Скопје. Во оваа композиција се претставени  две раце кои симболизираат сила, заштита и работа, сонце и изгрејсонце како животна сила, растение кое нуди плод, раст и цут. Позадината на сликата е во плави и зелени тонови кои асоцираат на вода и небо, како и кругот кој симболизира целина, перфекција и безвременост. Цела оваа симболика мислам дека го претставува постоењето на Алкалоид како една долга и успешна приказна како и за она што претставува како компанија која се залага за здравје и долг живот, ни раскажа Корубин.

Михаил Корубин , од семејството на славни сликари како дедо му Миле и татко му Рубенс Корубин,  и сопруг на поп-ѕвездата Каролина Гочева која синоќа на јубилејот имаше свој настап пред домаќините и гостите во Музејот на град Скопје, претходно ја примени својата уметност на арт-етикета за вино. Новите креативни предзвици, вели не го оддалечиле од неговата примарна уметност.

-Напротив, со секое вакво ново искуство добиваш нови креативни предизвици,  учиш нови вештини кои кога тогаш ќе ти помогнат и прошират опусот на твојата работа. Со секое ново дело кое е различно од претходното или со секоја нова користена техника во вашето следно дело вашата имагинација и мозок-раце релација се се’ поодврзани кон вашата креација. Во овој период си работам стандарно на моите дела каде што превладуваат ликови, но оваа година си дозволив да експериментирам со нив многу повеќе. Досега имам насликано ликови во многу различни фази и стилови и сите тие на еден начин се поврзуваат, надополнуваат и го креираат следниот. Претходната година создадов сосема  нов уметнички проект кој го нареков нареков “Артокенс” кој е кованица од два збора “Арт” и “токен” кои што на кратко би значеле уметнички симболи. Артокените се артистичка репрезентација на одредени и одбрани зборови кои означуваат чувства, емоции, карактери, природни појави итн.. Сите Артокени се цртани рачно од мене и се  претворени во лимитирани едиции на цртежи,  ни изјави Корубин, во март, во интервју за „Независен“.

Фото: „Алкалоид“