Михаил Касјанов, првиот премиер на Путин: „Овој Путин не го познавам“

Поранешниот премиер од 2000 до 2004  очекува војната во Украина да трае две години. Сегашново владеење во Русија е систем на КГБ заснован на целосно беззаконие, вели Касјанов


„Ако падне Украина, балтичките земји ќе бидат следните“, вели Михаил Касјанов (Фото: АФП)

 

ПАРИЗ – Тој беше првиот премиер на Владимир Путин, но Михаил Касјанов никогаш во неговите најлоши кошмари не замислуваше дека неговиот поранешен шеф ќе покрене војна од севкупни размери против Украина.

Говорејќи за АФП во видео интервју, Касјанов, руски премиер од 2000 до 2004 година, рече дека очекува војната да трае до две години, но тој е убеден дека Русија може да се врати на демократскиот пат.

Касјанов (64), кој се залагаше за блиски врски со Западот како премиер, рече дека, како и многу други Руси, не верувал во неделите пред војната дека тоа навистина ќе се случи.

Касјанов сфатил дека Путин не блефира дури кога виде како го повикува највисокото раководство на земјата на театрален состанок на Советот за безбедност три дена пред инвазијата на 24 февруари.

„Кога го видов состанокот на Советот за безбедност на Русија, сфатив, да, ќе има војна“, рече Касјанов.

Тој додаде дека чувствува оти Путин веќе не размислува како што треба.

„Јас едноставно ги познавам овие луѓе и гледајќи во нив видов дека Путин веќе е надвор од тоа. Не во медицинска смисла, туку во политичка смисла“, рече тој.

„Познавав поинаков Путин.

Откако беше отпуштен од Путин, Касјанов се приклучи на руската опозиција и стана еден од најгласните критичари на Кремљ.

Тој сега е лидер на опозициската партија Народна слобода или Парнас.

Целосно беззаконие“

Касјанов рече дека Путин, поранешен агент на КГБ, кој во октомври ќе наполни 70 години, успеал во изминатите 20 години да изгради систем заснован на неказнивост и страв.

„Ова се достигнувања на системот кој, со охрабрување на Путин како шеф на државата, почна да функционира дури и на поциничен, посуров начин отколку во последните фази на Советскиот Сојуз“, рече тој.

„Во суштина, ова е систем на КГБ заснован на целосно беззаконие. Јасно е дека не очекуваат никаква казна“.

Касјанов рече дека ја напуштил Русија поради војната и дека живее во Европа, но одби да ја открие својата локација поради грижа за неговата безбедност.

Неговиот близок сојузник и колега опозициски политичар Борис Немцов беше убиен во близина на Кремљ во 2015 година.

Најпознатиот критичар на Путин, Алексеј Навални (46) беше отруен со нервен агенс во 2020 година и сега е во затвор.

Касјанов предвиде дека војната може да трае до две години и рече дека е императив Украина да победи.

„Ако падне Украина, балтичките земји ќе бидат следните“, рече тој.

Исходот од војната ќе ја одреди и иднината на Русија, вели тој.

Касјанов рече дека „категорично“ не се согласува со сугестијата на францускиот претседател Емануел Макрон дека Путин не треба да биде понижуван.

Тој, исто така, ги отфрли повиците Украина да отстапи територија за да се стави крај на војната.

„Што направи Путин за да го заслужи ова?“, вели тој. „Ова е премногу прагматичен став. Верувам дека ова е погрешно и се надевам дека Западот нема да тргне по тој пат“.

„Огромни задачи“

Касјанов верува дека Путин на крајот ќе биде заменет со „квази-наследник“ контролиран од безбедносните служби.

Но, наследникот нема да може долго да го контролира системот и на крајот Русија ќе организира слободни и фер избори, рече поранешниот премиер.

„Сигурен сум дека Русија ќе се врати на патот на градење на демократска држава“, рече тој.

Тој процени дека ќе треба околу една деценија да се спроведе „декомунизација“ и „депутинизација“ на земјата.

„Ова ќе биде тешко, особено по оваа криминална војна“.

Тој рече дека ќе мора повторно да се воспостави довербата со европските земји, кои ги нарече „природни партнери“ на Русија.

Критичарите во минатото ја обвинуваа руската опозиција дека е безнадежно поделена, но Касјанов рече дека е уверен дека работите сега ќе бидат поинакви.

„Не се сомневам дека сега, по трагедијата на која сите сме сведоци, опозицијата ќе се обедини“.

Русите ќе се соочат со огромна задача да ја обноват својата земја, рече тој.

„Сè ќе треба да се изгради одново. Во суштина, треба да се започне одново цел сет на економски и социјални реформи. Ова се огромни и тешки задачи и ќе мора да се завршат“. (АФП)