Мигрантите блокирани на полско-белоруската граница претставуваат проблем за Варшава


Судбината на група од 32 очајни мигранти, заробени две недели во импровизиран камп на границата меѓу Белорусија и Полска, претставува вистинска дилема за властите во Варшава, кои не сакаат да покажат слабост пред својот сосед.

Брисел и Полска ја обвинуваат Белорусија за поттикување на мигрантите – главно од Блискиот Исток – да ја преминат границата и го прави тоа како одмазда за санкциите воведени од Европската унија против Минск.

Многу Полјаци се вознемирени од снимките со мигрантите, блокирани во близина на селото Уснаж Гурни, заробени меѓу вооружените белоруски граничари и полските војници.
Некои Полјаци бараат да им се дозволи на мигрантите да влезат во ЕУ за да добијат право на азил.

Други велат дека се согласуваат со цврстата позиција на Владата, која е против „уцената“ од Белорусија.

– Полска мора да ги штити своите граници, изјави минатата недела премиерот Матеуш Моравиецки, обвинувајќи го белорускиот претседател Александар Лукашенко дека ги користи мигрантите како средство за притисок.

– Навистина сочувствувам со мигрантите, кои се во исклучително тешка ситуација, но мора да се разјасни дека тие се политичка алатка, додаде полскиот премиер.

Истовремено, Моравиецки нагласи дека полската Влада им помогна на десетици Авганистанци да го напуштат Кабул во изминатите денови.

Бројни инциденти со мигранти се случуваат и во другите две земји на ЕУ кои граничат со Белорусија – Летонија и Литванија.

Трите членки на ЕУ не дозволуваат мигрантите илегално да влезат преку границата и да добијат право на азил, наведувајќи дека за да аплицираат за азил, мора да контактираат со нивните амбасади во Белорусија или да преминат преку граничните пунктови.

„Дајте им засолниште“

Мигрантите, кои според Полска се на територијата на Белорусија, во зона каде што границата не е јасно обележана, преживуваат благодарение на помошта од активисти и неколку полски граничари.

Некои набљудувачи ја повикуваат Владата да им дозволи да влезат во Полска.

– Единствено што можеме да направиме е да покажеме дека се разликуваме од Минск, и да им дадеме засолниште и шанса да добијат азил, напиша Богуслав Хработа во центристичкиот дневен весник „Жечпосполита“.

Мишел Вилгоцки, новинар во левоцентристичкиот весник „Газета виборча“, предупреди дека владејачките националконзервативци можат да ја искористат антиимигрантската реторика за да освојат гласови, како што направија и на изборите во 2015 година. Тој ги повика политичките сили „да застанат на страната на човечки живот“.

Политичарите на екстремната десница ја поддржаа цврстата позиција на Владата и заминаа на местото на случувањето за да ги поддржат граничарите.

Од гледна точка на Владата, „нема сомнеж дека ова што се случува не е само тест за тоа како ќе реагираме, туку има за цел да предизвика судир во Полска за фундаментални прашања како безбедносната политика или миграцијата“, истакна заменик министерот за одбрана Марчин Очепа.

– Полската опозиција не треба да стане дел од ова сценарио на белоруските и руските специјални служби, додаде тој.

Од почетокот на месецов, 2.100 лица се обиделе да ја преминат границата меѓу Белорусија и Полска, а 1.342 од нив се спречени, соопшти полското Министерство за внатрешни работи минатата среда.

Полските власти во петокот објавија дека спасиле друга група од 12 мигранти – 11 Ирачани и еден Египќанец, кои откако илегално ја минале границата, биле блокирани во мочуриште.

За да се справат со ситуацијата со мигрантите, полските власти испратија речиси 900 полски војници на границата, каде што беа поставени огради од бодликава жица. (Фран прес)