Мигранти киднапирале товарен брод во Италија, па беа уапсени од специјалци


Италијански специјалци денеска совладаа група мигранти кои киднапираа товарен брод во близина на брегот на Неапол.

Неколку лица од група од 15 кои се криеле на бродот како слепи патници вчера го совладале екипажот на бродот, соопштија властите. Тие го принудија бродот „Галата Сивејс“, кој пловел под турско знаме, да ја пренасочи својата рута. Бродот пловел од Турција кон Франција.

Италијанските специјалци стигнале до бродот со хеликоптер и ги уапсиле напаѓачите, кои биле вооружени со ножеви.

„Се заврши добро“, објави италијанскиот министер за одбрана Гидо Крозето на Твитер. Бродот потоа бил упатен во Неапол на полициска проверка, а тројца од 15-те мигранти биле обвинети за поседување оружје.

Две жени, од кои едната е бремена, и двајца мажи се пренесени во болница, јави АНСА, повикувајќи се на здравствените власти во Неапол. Другите мигранти, кои на полицијата ѝ кажале дека се од Авганистан, Сирија и Ирак, биле сместени во прифатен центар за бегалци.

Бродот вчера вечерта ја напушти Италија и го продолжи патувањето кон југот на Франција.