Мидлбрук на конференцијата „Поглед подалеку“: Да се инвестира во нови механизми за енергетска транзиција
Силен социјален договор за интеграција во Европската Унија, чиј напредок на тој план се одвива бавно, бавното темпо на модернизација на јавниот сектор, за што се потребни огромни средства за реализирање на дигиталната трансформација и промената во начинот на размислување во однос на развојот, се дел од структурните предизвици на Северна Македонија коишто на денешната конференција „Поглед подалеку“ ги нотираше меѓународниот економист Питер Мидлбрук.
Тој оцени дека треба да се ангажираат млади луѓе кои размислуваат брзо и поразлично.
– Живееме во едно конкурентно опкружување, треба да бидеме брзи. Секоја година што ќе ја поминеме во чекање е загубена година. Потоа потребно е фрагментирање на глобалната политика за одржливост. Изминативе две години беа многу комплицирани, значи ја имаме агендата 20/30, го имаме Глобалниот договор, Зелениот договор на ЕУ и ги имаме сите овие договори коишто доаѓаат во време на кризи и за тоа како да изберете што ќе направите и во што ќе инвестирате. Потребни се вештини, истакна Мидлбрук.
Тој, осврнувајќи се на тоа за што треба да се инвестира за да се реализираат трансформативните агенди, нагласи дека недоволно се развиени финансиските пазари и пазарите на капитал.
– Не зборуваме повеќе само за владините приходи и расходи, имаме отворена банкарска револуција каде што техничките фирми наоѓаат клиенти за банките додека зборуваме. Потоа транзицијата на енергијата е нешто во што треба да се инвестира, во нови механизми за финансирање за да им се овозможи на компаниите да имплементираат решенија коишто не се понудени од националната мрежа за снабдување. Потоа во ограничената ориентација на пазарот кон земјоделството, порача Мидлбрук, потенцирајќи го повторно темпо на „позеленувањето“ на финансискиот систем.
На конференцијата на која се дискутира за мерките преземени од државата и анализите поддржани од агенциите на Обединетите нации, УНДП, ФАО и УНИЦЕФ, за да се помогне Северна Македонија да ги надмине предизвиците во областа на храна и енергија, постојаната координаторка на ОН во Северна Македонија, Росана Дуџак, нагласи дека проблемите коишто се јавија влијаат врз остварувањето на стратешките цели и оти се соочуваме со проблеми коишто беше тешко дури и да се замислат пред неколку години.
– Во секој случај ова ни покажа дека не сме доволни подготвени за некои предизвици кои погодуваат различни земји, но во суштина сето тоа има влијание и на глобално ниво. Тука спаѓаат климатските промени, загадувањето и прекумерното експлоатација на природните ресурси, тука е и проблемот со недоволните инвестиции во клучни прашања што резултираше со огромен број на жртви во тек на пандемијата со Ковид-19. Во 2022 година насилството преовладуваше над мирот и партнерството во Европа. Недостатокот на инвестиции во зелена енергија и инфараструктура уште повеќе се влошени од влијанието на инфлацијата. Недостигот на фокусот којшто се става на рамноправноста создава ранливи групи, но од друга страна тоа не доведе до тоа да се зголемува и солидарноста особено изразена преку поддршката за жртвите и луѓето во Украина, истакна Дуџак.
Таа наведе дека во ЕУ во 2020 година се воспоставиле иницијативи коишто биле крајно корисни за надминување на проблемите со енергетиката, но сепак, како што оцени, ризците се се уште присутни.
– Сепак научивме многу. Знаеме дека политичките решенија се комплексни и дека ни се потребни активности за да ги извлечеме луѓето од сиромаштија, но и да обезбедиме поддршка за бизнисите. Во недостиг на финансиски средства, политиките мора да бидат изготвени на начин којшто ќе овозможи нивно максимално искористување. Треба да бидеме визионери со цел да обезбедиме одржлив развој. Во почетокот на оваа година во рамките на оваа земја, го воспоставивме глобалниот заеднички фонд. Проектот беше воспоставен во консултација со ЕУ и УНИЦЕФ и во соработка со меѓународните институции, наведе Дуџак.