Муцунски бара МВР да се извини што води истрага за бомбите

Вискиот функционер на ВМРО-ДПМНЕ тврди дека Николовски бил приведен затоа што бил слободоумен, иако од неговиот меил бил испратени дојавите за бомбите


 

Градоначалникот на општина Аеродром и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, реагира на вчерашното приведување на Никола Николовски во врска со дојавите за бомби во средните училишта во Скопје тврдејќи  дека се нашол на мета зошто е успешен и слободоумен, иако самиот потврдува дека пораката за бомбите стигнала од неговиот мејл.

„Синоќешното приведување на Никола Николовски уште еднаш ја потврдува жалната констатација дека Македонија целосно го има изгубено демократскиот компас. Дополнително, приведувањето на Никола пушта уште еден загрижувачки сигнал, дека ако си млад, воспитан, едуциран, успешен и слободоумен, тогаш демнее и опасноста да бидеш урнат, поттиснат, навреден и замолчен.

Фактот што некој пуштил порака од наводен и-меил на Николовски, во кој бил содржан и неговиот телефонски број е логична индиција дека некој се обидел да го намести. Дополнително, непостоењето на форензички доказ кој упатува на него, исто така би бил логичен индикатор кој упатува на противправно дејствие сторено од некое друго лице. И покрај наведеното, синоќа над 10 часа беше држано 23- годишно младо, невино и перспективно лице, беше извршен претрес на неговиот дом и се наруши достоинството и честа на еден наш граѓанин и едно македонско семејство.

Утре Никола може да биде секој еден од нас и затоа ова треба да биде уште една научена лекција упатена да оние кои владеат, да престанат да конструираат случаи кои не постојат и кои се спротивставени со здравата логика. Правдата колку и бавно да доаѓа во нашата татковина таа секогаш излегува на виделина.

После овој немил настан очекувано е МВР да се извини на цела македонска јавност, истовремено да се фати со сериозна стручна работа и конечно да ги разоткрие вистинските сторители на ова дело кое создава немир кај учениците и сите наши граѓани“, напиша Мицунски на Фејсбук. Според него, очигледно полицијата не треба да води истрага  кој ги праќа писмата и да ги испрашува тие од чија адреса доаѓаат. 

„Курир“ наведува дека приведениот доцна синоќа бил пуштен без пријава. За неговото испитување региораа и од тинк тенк организацијата Conservative.mk чиј член е Николовски.

„Одговорно тврдиме и демантираме дека нашиот член Никола има било каква поврзаност со овие настани. Никола е пред сѐ општествено одговорен граѓанин, активист на Conservative.mk кој е активно вклучен во борбата против дезинформациите и лажните вести, кој со гордост ја претставувал Македонија на многу настани, натпревари и конференции, вклучително и во Европскиот парламент.

Ова е класичен напад врз слободата на говор, демократијата и начин како да се притиснат неистомислениците. Но, слободната мисла секогаш на крајот победува, па затоа ќе се погрижиме овој настан да биде целосно расветлен пред органите. Вистинските лица кои стојат зад овој нарачан напад мора да понесат целосна одговорност, како и да се осигураме дека во иднина нема да постои можност од повторување на слични настани“, порачаа од овој тинк-тенк.

Според овие извори, праќачите на заканите за бомбашки напади манипулативно го ставиле името на Николовски и неговиот телефонски број во меиловите со заканите за бомбашки напади, што за полицијата било доволна причина да го приведе.