Мицотакис соопшти пакет мерки од 1,1 милијарди евра за 3,2 милиони граѓани


Мерки во висина од 1,1 милијарди евра што ќе опфатат 3,2 милиони граѓани од ранливите категории, но и домаќинства со приходи до 30.000 евра годишно, соопшти грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговата телевизиска порака до граѓаните, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис рече дека станува збор за мерки насочени кон најслабата и средната класа, а министрите за финансии, енергија и земјоделство, утре, детално ќе ја претстават тримесечната програма на Владата за поддршка на граѓаните.

-Прилагодувањата ги покриваат сите фронтови на поскапувањата: стимулирање на приходите со вонреден додаток за оние со ниски примања и ниски пензии. Поддршка на семејства со деца, кои сега имаат најмногу трошоци. Храбрата субвенција на сметките за струја. Но и делумната апсорпција на зголемувањата на цените на горивата со покривање 180 литри за возилата. А се комбинираат со посебните грижи за земјоделците и малите и средни претпријатија, кои се особено погодени од зголемувањето на електричната енергија, рече Мицотакис.

Објасни дека мерките „им служат на два принципи“: не важат за сите, туку се насочени со посебен акцент на поддршката на најслабите и се усогласени со претпазливата фискална политика на Владата, односно „мерки измерени според реалноста“.

Во осум минутното видео грчкиот премиер истакна дека „светот ја живее најдлабоката геополитичка криза во последните речиси осум децении“, рече дека инвазијата на Русија во Украина одново ја носи војната во Европа, „го отвора патот за оспорување на границите, за насилно наметнување на посилниот и искоренување на милиони луѓе“ и додаде дека сето тоа предизвикува и огромна енергетска криза, што како и за сите земји, така и за Грција има последици.

-Ги гледаме во цените на струјата, на горивата и другите производи, иако државата од минатата есен покрива голем дел од поскапувањата, поддржувајќи ги домаќинствата и бизнисите. Сепак, нарушувањата се меѓународни и затоа справувањето мора, пред сè, да биде прашање на нашето европско семејство, рече Мицотакис.

Грчкиот премиер истакна дека во исто време, „земјата игра водечка улога за надминувањето на старите догми и градење стратешката автономија на Европа“ и се наоѓа на страната на мирот, меѓународното право и западот.

Се осврна и на енергетиката, велејќи дека се стремат кон енергетска независност што значи „инвестирање во обновливи извори на енергија со надминување на сите бирократски пречки, развој на електрични поврзувања со земји како што е Египет, претворање на земјата во порта за течен природен гас“.

Грчкиот премиер, со оглед на тоа дека е позитивен на Ковид-19 и од завчера е во изолација, на граѓаните им се обрати од неговиот дом.