Мицотакис слави голем триумф, Ципрас и Сириза во шок

Ни скандалот со прислушувањето, ни железничката несреќа не влијаеја врз Грците - тие му испорачаа неочекувано голема победа на Мицотакис


Премиерот Киријакос Мицотакис изјави дека ни во партијата не очекувале толку голема победа (Фото: Блумберг)

 

Изборите во Грција во неделата продуцираа два неочекувани резултати – неверојатно голема победа на владејачката партија Нова демократија (и покрај скандалот со прислушувањето и трагичната железничка несреќа) и шокантен пораз на Сириза. Но и покрај големата победа на Ноцва демократија ѝ недостасуваат пет пратеници за да има мнозинство во парламентот и сосем веројатно ќе се оди на второ гласање на 25 јуни или 2 јули кога ќе се доделува и бонус од 50 пратеници ако некоја од партиите освои 40 отсто од гласовите.

„Политичкиот земјотрес што се случи денеска нѐ повикува сите нас да го забрзаме процесот за конечно владино решение“, изјави премиерот Киријакос Мицотакис во неделата вечер од неговото партиско седиште.

„Податоците од гласачките кутии се каталитички – тоа докажува дека Нова демократија има одобрение да владее независно и силно и тие тоа го бараа категорично, на апсолутен начин“, рече тој.

Со преброени 98 отсто од гласовите, Нова демократија доби 40,8 отсто од гласовите и 146 места во 300-члениот парламент. Сириза заостанува со само 20,1 отсто и 71 пратенички места, додека социјалистичката партија Пасок оствари добар резултат од 11,5 отсто и 41 пратенички места. Комунистите од ККЕ имаат 7,2 отсто и 26 пратенички места, а националистичкото Грчко решение 4,5 отсто и 16 пратенички места.

Три помали партии на кои анкетите им даваа добри можности да го преминат прагот од 3 отсто не успеаја. Најпознатата од тие партии е  МеРА25 на поранешниот министер за финасии Јанис Варуфакис. Стапката на учество е 59,2 отсто, соопшти МВР.

Мицотакис успеа да ја добие довербата од гласачите гласачите и покрај тоа што неговата премиерска функција беше оптоварена со шпионски скандал, спирална инфлација и зголемена загриженост за владеењето на правото.

„Нашите колективни тела ќе бидат свикани веднаш за да ги оценат изборните резултати“, рече лидерот на Сириза Алексис Ципрас, нарекувајќи ги резултатите крајно негативни за неговата партија.

Сепак, тој рече дека „изборниот циклус сè уште не е завршен, бидејќи веројатно ќе има втори избори и затоа немаме време да чекаме. Мора веднаш да ги направиме сите неопходни промени, за да ги дадеме најдобрите можни услови за следната клучна и последна изборна битка“.

„Тоа е уништувачкиисход за опозицијата, особено за Сириза“, рече Волфанго Пиколи, ко-основач на компанијата за анализа на ризик Тенео.

„Ќе биде потребно долго време главната опозициска партија да се опорави, оставајќи ја Нова демократија во позиција да доминира со грчката политика и да ја води владата без значајна контрола“, рече тој.

„Исходот од денешното гласање ќе биде добредојден од инвеститорите, но доминацијата на НД врз политичкиот систем заедно со слабата опозиција може да предизвика загриженост за клиентелизмот и квалитетот на креирањето политики“, додаде Пиколи.

Тешка ноќ за Алексис Ципрас и Сириза

„Главната победа на Нова демократија испраќа јасна и неоспорна порака низ цела Европа“, рече Танасис Баколас, генерален секретар на централнодесничарската Европска народна партија, додавајќи дека ова е првпат од 2000 година во Грција актуелната влада да излезе посилна на изборите по четри години владеење.

„Порака до Брисел? – Денешниот изборен резултат е јасна порака против сите оние надвор од Грција кои постојано го доведуваат во прашање квалитетот на грчката демократија и волјата на грчкиот народ“, додаде Баколас.

Почнувајќи од понеделник, секоја од трите водечки партии ќе го добие мандатот за формирање влада, почнувајќи од победникот, па потоа преминува на втората, а потоа и на третата партија. Секој од нив ќе има до три дена да се обиде да формира влада.

Доколку нема договор за коалиција, парламентот избран во неделата ќе положи заклетва, а потоа ќе се распушти, што ќе го отвори патот за одржување на втор круг од изборите и преодната влада ќе положи заклетва.

Зајакнат со неговиот триумф, Мицотакис се очекува веднаш да побара второ гласање, отфрлајќи ја опцијата за коалиција по овој прв круг гласање.

Во понеделник, како што бара протоколот, грчката претседателка, Катерина Сакеларопулу, ќе му додели на Мицотакис тридневен мандат за истражување на опциите за формирање коалиција. Соработниците на 55-годишниот лидер, кој се појави во бурно расположение при пристигнувањето во седиштето на Нова демократија во Атина, рекоа дека тој би претпочитал повторување на изборите со резултатот од неделата да го зацврсти неговиот став дека еднопартиска влада е „повеќе од возможна“.

Во обраќањето во неделата вечерта, премиерот рече дека е „горд и трогнат“ од резултатот. „Надежта го победи песимизмот, единството ја победи поделбата“, рече Мицотакис. „Ветувам дека ќе работам уште понапорно. Луѓето сакаат силна влада со четиригодишен мандат за да можеме да го покриеме изгубеното тло што нѐ дели од Европа. Потребна е влада која навистина мора да верува во реформите за да може да ги спроведе“.

Во текот на изборната кампања тој инсистираше на тоа дека интересите на земјата може да се служат само со „силно мнозинско“ влада што ќе му овозможи да продолжи со својата реформска програма за време на вториот четиригодишен мандат.

Се сметаше дека популарноста на владејачката партија беше сериозно нарушена од скандалот со прислушувањето и катастрофалната железничка несреќа – настани што го загрозија лично Мицотакис, поранешен банкар.

Но, неочекувано слабите перформанси на Сириза се чини дека го поддржуваат ставот дека Грците гласале за стабилност – и покрај тоа што многумина беа вознемирени од она што се сметаше како демократско назадување под владата на десниот центар, при што шпионскиот скандал ги истакна тие грижи.

На изборите на кои доминираше вознемиреност поради кризата со трошоците за живот, Грците ја издвоија економијата, наведувајќи ги спомените од драмата за долгот на нацијата пред една деценија и казнувањето аа штедењето спроведено во замена за итни средства за одржување на земјата во живот. Неделното гласање беше прво откако ЕУ и ММФ, кои го организираа најголемиот спасувачки пакет во глобалната финансиска историја за да го спречат грчкиот банкрот, престанаа да ги надгледуваат финансиите на земјата.

Но, траумата сè уште трае. Кратењата кои се бараа во замена за спас бараа висока цена: грчката економија се намали за повеќе од 25%, почнувајќи со рецесија од која нацијата само што почна да закрепнува. „Идејата за повеќе авантури по сето она низ кое поминавме го поколеба мојот глас“, рече Марија Лигера, повторувајќи го заедничкиот рефрен.

Лигера (48) беше меѓу големата група неопределени гласачи, проценети на близу 13 отсто пред отворањето на гласачките места. „Додека не влегов во гласачкото место, не бев сигурна по кој пат ќе одам“, рече таа.

Сириза е во длабока криза по неделните избори. Грчките медиуми објавија дека нема да се покрене дискусија за раководството на Сириза и на самиот Ципрас. Но, тоа е многу веројатно да се случи по вториот круг.

Сите централно-левичарски и левичарски опозициски партии ја префрлаат вината на Ципрас за победата на Нова демократија. Според лидерот на Пасок, Никос Андрулакис, Ципрас бил „златниот спонзор“ на Нова демократија.

Првата анализа сугерира дека Сириза изгубила 700.000 гласачи од изборите во 2019 година кои претпочитале други партии од левицата.

Грчките медиуми известуваат за значителна опасност Сириза да биде разбиена во вториот круг, бидејќи Пасок сега гледа на втората позиција и тврди дека таа е главната „прогресивна“ алтернатива во грчката политика.

Во својата главна статија во понеделникот, влијателната веб-страница за вести News247.gr објави дека Мицотакис е „избран и неконтролиран“. „Партиите кои сметаат дека победиле поради стратешкиот пораз на Сириза ќе се најдат пред изненадувања од режим кој наместо одговорност на власта, едноставно ќе види зелено светло за владеење без ограничувања“, се вели во написот.

„Опасноста од ‘орбанизацијата’ на земјата сега е очигледна, а оние што ја гледаат треба да се обединат, да се организираат и да реагираат со план, сериозност и верба дека ништо не заврши вчера“, се додава во написот.

Грчките медиуми јавуваат и дека скандалот со прислушувањето што со месеци ја тресе грчката политика се чини дека не влијаел на електоратот.

Згора на тоа, неодамнешната смртоносна железничка несреќа во која загинаа 57 лица не влијаеше ниту на електоратот.

Костас Караманлис, министерот за транспорт, кој поднесе оставка по несреќата, беше реизбран освојувајќи прво место во својата изборна единица во северна Грција со повеќе од 23.000 гласови.

Аналитичарите сугерираат дека победата на Нова демократија е толку несомнена што новиот наратив на левичарските сили ќе биде тешко да ги убеди гласачите во новите избори. Главната цел на Нова демократија на новите избнори е да освои 180 пратеници и со тоа да добие мнозинство за менување на уставот. Првата работа што би сакале да ја направат тогаш е да дозволат основање на приватни унизверзитети. (Според агенциите)