Мицотакис се заканува со трети избори ако не добие апсолутно мнозинство


Премиерот Киријакос Мицотакис

 

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис предупреди дека земјата ќе одржи трет круг од изборите доколку во вториот круг на 25 јуни не се постигне апсолутно мнозинство за формирање еднопартиска влада.

Грчката владејачка партија Нова демократија триумфираше во првиот круг од изборите на 21 мај. Сепак, не успеа да добие апсолутно мнозинство што би го отворило патот за еднопартиска влада.

Вториот круг е закажан за 25 јуни, и иако неговата централно-десничарска партија води на сите анкети, апсолутното мнозинство може повторно да се пропушти.

„Категорично отфрлив какво било партнерство со партии и фракции десно од Нова демократија, таквото сценарио [недостигот на апсолутно мнозинство] ќе нѐ доведе до избори во август […] да не се зафркаваме“, рече Мицотакис за јавната телевизија ЕРТ во интервју.

Во првиот круг пет партии успеаја да го поминат прагот од 3 отсто. Колку повеќе партии влегуваат во парламентот, толку потешко ќе му биде на Мицотакис да формира еднопартиска влада.

Од своја страна, главната опозициска партија Сириза, се обидува да се опорави од тешкиот изборен пораз велејќи дека гласачите не треба да ѝ дадат „супермоќ“ на Нова демократија, туку да гласаат за левицата како „бедем“ во напредокот на „неолибералните политики“.

„Не им е доволно да победат на изборите; тие сакаат да имаат семоќ да можат сами да го менуваат Уставот за да ја приватизираат дури и водата, ништо да не остават под јавна контрола“, изјави во вторникот лидерот на Сириза, Алексис Ципрас.