Мицотакис се соочува со бура од голем гнев поради лошиот одговор на снежната виулица

Грчкиот премиер им се извини на граѓаните што останаа заглавени на автопатот, но тоа не ги решава проблемите на владата. Учиштатат уште се затворени во поширокиот регион на Атина, струја нема на многу места


Возачите ги оставаа автомобилите на автопатот и бараа спас од снежната бура

 

Грчкиот премиер се извини за недоволната подготвеност на државата да се справи со снежната бура што остави илјадници луѓе блокирани во своите автомобили во Атина.

Невидениот спектакл на елитните сили кои беа повикани да ги евакуираат возачите заробени во возилата долж главната обиколница на главниот град, ја растресе владата додека штетата сè уште се пресметува по невремето во понеделникот.

Со вестите дека снемува струја низ градот, Кирјакос Мицотакис го призна гневот на јавноста. „Би сакал да започнам со лично и искрено извинување до нашите сограѓани кои страдаа многу часови заробени на Атики Одос“, рече тој во телевизиските коментари. „Имаше грешки и недостатоци кои треба да се поправат“.

Се проценува дека околу 4.000 возачи останале заглавени во автомобили со часови на температури под нулата додека невремето ја зафати Атина. Оние кои не беа евакуирани од армијата, побараа засолниште на меѓународниот аеродром во Атина или се мачеа да одат пешки до своите домови низ снегот.

Во средата, голем број автомобили напуштени од сопствениците останаа заглавени на обиколницата, додека прекинот на струја во поширокиот регион на Атина погоди илјадници домаќинства веќе трет ден.

Мицотакис, повторувајќи ги министрите, ја префрли вината за голем дел од дебаклот кај приватниот оператор на автопатскиот систем Атики Одос, кој беше критикуван затоа што дозволува автомобили да одат на патот, но призна дека е време и да се зајакне одбраната од климатските кризи.

Како и Турција, исто така погодена од невремето, Грција доживеа разорни шумски пожари минатата година со загуба на стотици домови и добиток.

„Точно е дека инфраструктурата на една медитеранска земја не е секогаш приспособена на условите на обилни снежни врнежи“, рече лидерот. „Меѓутоа, еднакво е точно дека државниот механизам сè уште не е на точката на подготвеност што ја бараат феномените со толку голем интензитет“.

Во земја со хиперпартиско медиумско покривање каде што централнодесничарската влада на Мицотакис ретко се цензурира, критиката беше невозможно да се игнорира. Медиумите го осудија бавниот одговор на властите на снежната бура, нарекувајќи ги неоправдани хаотичните сцени во една земја-членка на ЕУ.

Сите несуштински услуги, вклучително и целиот јавен сектор, беа затворени, а владата прогласи државен празник во вторник и среда. Се очекува училиштата повторно да се отворат до петок, откако властите објавија дека снегот сè уште го блокира пристапот до многу од објектите.

Ова е втора година по ред – и само втор пат од 1968 година – кога Атина, вообичаено навикната на тешкотиите од екстремните горештини, е погодена од снежна бура со таква енергија. Во некои делови од главниот град за 12 часа паднале дури 50 сантиметри снег. Показател за интензитетот на бурата, забележани се торнада на островите и крајбрежните области, при што речиси цела Атина, од Акропол во центарот на античкиот град до приморските предградија на југоисток, е покриена со бела боја.

Метеоролозите исто така не беа штедливи во критиката на одговорот на државата. Костас Лагувардос, кој ја предводи Националната опсерваторија во Атина, рече дека бурата била точно предвидена однапред и дека властите ги игнорирале прогнозите.

„Нема оправдување“, рече тој. „За разлика од пред 20 години, имаме алатки и методи за прецизно предвидување на вакви настани и ова беше многу добро прогнозирано. Уште еднаш видовме дека државата не сака да ги слуша научниците и тоа е опасно кога зборуваме за безбедноста на луѓето и нивниот имот“.

Грчкиот премиер вети дека компензацијата, во форма на исплати од 2.000 евра, ќе им биде дадена на возачите кои го издржале тешкото искушение. Илјада евра ќе бидат поделени на патниците кои на сличен начин биле заглавени на железничка станица северно од Атина. Истражувањето објавено од страна на анкетната компанија „Абакус“ доцна во средата покажа дека огромното мнозинство го опишува гестот како пи-ар трик од владата. (Гардијан)