Мицотакис се пофали: Оскаровецот Том Хенкс и сопругата Рита Вилсон добија грчки пасоши


Грција– Оскаровецот Том Хенкс и неговата сопруга Рита Вилсон завчера на грчкиот остров Парос се сретнале со премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис и неговата сопруга Марева, и тоа како нови државјани на Грција.

Мицотакис на неговиот инстаграм-профил објавил фотографија со холивудската двојка на која тие со насмевка на лицето ги покажуваат нивните нови грчки пасоши.

„Рита Вилсон и Том Хенкс сега се горди грчки државјани“, напишал Мицотакис.

Рита има грчко потекло, а Хенкс долго време поседува скапа и луксузна вила од 450 квадратни метри на островот Антипарос, па така стекнале услови за добивање грчки пасоши.

Претходно Том Хенкс поради неговата сопруга ја има прифатено православната вера.

Хенкс, еден од омилените актери во Холивуд на големите режисери беше меѓу првите славни личности што објави дека е заболен од коронавирусот додека снимале филм во Австралија. Двојката закрепна и сега го споделува своето искуство од Ковид-19.