Мицотакис: Постои општ договор меѓу европските земји дека е речиси невозможен втор карантин

Мислам дека постои општ договор меѓу европските земји, дека е многу тешко, речиси невозможно да одиме на втор целосен карантин, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на неговото учество на „Athens Democracy Forum 2020“ во дискусија со израелскиот професор, писател и историчар Јувал Ноа Харари, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис детално и опширно говореше за тоа како Грција се справи и се справува со пандемијата, рече дека сега, каде што е потребно воведува локални карантини и спроведува масовни тестирања.

-Но, постои еден прашалник, а прашањето е: можеме да живееме со вирусот, а во исто време да ја одржиме економската нормалност, без целосен карантин и без да се собира голем притисок врз здравствениот систем? Мислам дека сѐ уште никој го нема одговорот, бидејќи имаме пред нас три или четири тешки месеци. Се надевам и оптимист сум дека нема да биде потребно да донесеме подрастични мерки од овие што ги имаме, објасни Мицотакис.

Грчкиот премиер им посака сѐ најдобро на американскиот претседател и неговата сопруга, но и коментираше дека она што го извлекол е дека „вирусот не прави разлики и не исклучува никого“.

-Да носиш маска не е политичка изјава, тоа е чин на самозаштита, но и солидарност, бидејќи ги заштитуваш другите, особено твоето семејство, бидејќи знаеме дека повеќето пренесувања се во кругот на семејството. Па така, тоа е чин на заштита на оние кои ги сакаш, истакна Мицотакис.

Објасни дека е особено важно индивидуалното однесување и почитување на мерките, бидејќи „не може секој граѓанин да има по еден полицаец, кој ќе го контролира дали се носи маска или не“.