Мицотакис очекува нова победа на Нова демократија на следните избори


 Надеж и очекување дека и во 2023 година земјата ќе регистрира рекорден број странски инвестиции, но и дека Нова демократија повторно ќе добие доверба од граѓаните и ќе формира еднопартиска Влада, изрази премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис, говорејќи на грчката инвестициска конференција во Линдин, организирана од Атинската берза и „Морган Стенли“, јави дописничката на МИА од Атина.

Говорејќи за инвестициите во земјата, Мицотакис рече дека успеале да ги убедат меѓународните инвеститори дека сега е моментот да се дојде во Грција.

-Ако директните странски инвестиции се показател за интересот што Грција успеа да го привлече, 2022 година беше уште една година во која постигнавме рекорд. И очекувам дека ќе забележиме рекорд и во 2023 година. Постои една варијабла за која секако ќе ме прашате, а тоа е поврзано со изборите и политичката ситуација. Откако ќе се реши ова прашање, очекувам ново засилување на интересот на инвеститорите за Грција, истакна Мицотакис.

За изборите што ќе се одржат следната година, најдоцна пред почетокот на летото, рече дека е оптимист дека Нова демократија ќе успее да формира еднопартиска Влада, посочувајќи дека граѓаните можат да ја оценат четиригодишната власт на Ципрас и СИРИЗА и четиригодишната Влада на Мицотакис и „сега споредбата е јасна“.

-Грците сакаат да се чувствуваат безбедно, сакаат да добијат гаранција дека нема да се вратиме на режимот на високи даноци и низок раст што постоеше за време на претходната Влада. Јас сум доста оптимист дека ќе успееме да формираме еднопартиска влада. По изборите очекувам нов бран, нова „експлозија“ на инвестиции, бидејќи ни претстојат четири години, се надевам со помалку кризи, рече Мицотакис.

Грчкиот премиер се осврна и на истражувањата за наоѓалишта на природен гас што компаниите „Exxon“ и „Helleniq Energy“ ги вршат југозападно од Крит и Пелопонез и истакна дека првата компанија има покажано особено голем интерес за конкретниот регион, што можеби значи дека постојат некои добри знаци, но додаде дека „веројатно за една година ќе знаеме дали нешто суштинско ќе биде откриено“.

Паралелно посочи дека треба, што е можно поскоро да се оддалечат од рускиот гас, што значи дека се потребни други извори на енергија.

-Грција за ова, може да игра улога на две нивоа: прво, како центар за течен природен гас. Се прават многу инвестиции, преку Грција ќе се транспортира големо количество ЛНГ во Европа и поширокиот регион. Исто така, за прв пат по многу години, Грција истражува дали има свои природни ресурси во однос на наоѓалиштата на јаглеводороди, истакна Мицотакис.