Мицотакис објави дека во Грција ќе има избори напролет
Грција ќе одржи парламентарни избори напролет, изјави во неделата премиерот Киријакос Мицотакис, прецизирајќи „од април натаму“ пред мандатот на конзервативната влада кој завршува во јули.
Следните грчки избори ќе се одржат според пропорционален систем на претставување, што го прави речиси невозможно за кој било кандидат да победи веднаш; а вториот круг на гласање се зема здраво за готово – што укажува на продолжен период на политичка неизвесност.
Мицотакис рече дека не се одлучил дали изборите ќе се одржат во април или мај. „Од април па натаму, изборите може да се одржат во секое време“, изјави тој за локалниот весник „Прото тема“ во интервју објавено во неделата.
Анкетите во изминатата година покажуваат дека владејачката Нова демократија има стабилно водство од 8-10 процентни поени пред опозициската Сириза.
Претседателските и парламентарните избори во Турција се закажани за 18 јуни, но владата во Анкара размислува да ги одржи порано. „Бидејќи овој датум кореспондира со сезоната на летни одмори кога луѓето патуваат, проценуваме дека датумот малку напредува“, рече портпаролот на владејачката партија АК Омер Челик претходно овој месец. Можните датуми за претходни избори кои кружат во турскиот печат се 30 април, 7 мај и 14 мај.
Анкара ја засили својата реторика против Грција во последниве месеци, при што турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дури предупреди во декември дека проектил може да го погоди грчкиот главен град доколку „не останете смирени“. Зголемени предизборни тензии се можни во регионот бидејќи двата избори горе-долу се поклопуваат.
Во саботата за време на турнејата во регионот на северниот дел на Еврос, во близина на копнената граница со Турција, грчкиот премиер рече дека „изборите ќе се одржат напролет, во суштина во момент кога практично ќе го исцрпиме нашиот четиригодишен мандат“. Тој додаде дека од симболични причини ќе се кандидира како кандидат во Еврос.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен најверојатно ќе ги посети Грција, Турција и Израел кон крајот на следниот месец, пред изборите во регионот, јавуваат грчките медиуми.