Мицотакис нема да прави коалиција со ПАСОК, чиј лидер го прислушуваа тајните служби
АТИНА – грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис денес целосно ја отфрли можноста за постизборна коалиција со ПАСОК, а упати и порака до Албанија дека случајот со притворениот кандидат за градоначалник од грчкото малцинство, може да има последици за европскиот пат на земјата.
На прес-конференцијата Мицотакис изрази увереност дека Нова демократија ќе победи на изборите в недела, но објасни дека и доколку математички е можна соработка со ПАСОК, сепак не би се формирала ваква коалиција, посочувајќи дека лидерот на партијата Никос Андрулакис неговата политика ја доближи до опозициската СИРИЗА.
„Не верувам дека постои некаков простор во овој момент, по изборите на 21 мај да постои некаква соработка со ПАСОК, па дури и ако нумерички би можело да се формира влада, која барем математички би добила доверба од парламентот, истакна Мицотакис
За скандалот со прислушувањата во Грција, во кој беше следен и лидерот на ПАСОК, тој рече дека Владата и лично тој презеле политичка одговорност и ги направиле неопходните промени.
На новинарско прашање за случајот во Албанија со притворениот кандидат за градоначалник од грчкото малцинство, рече дека она што се случи на два дена пред изборите е „неприфатливо и незамисливо“ и порача дека не прифаќаат отстапки од владеењето на правото.
„Во случај Албанија да продолжи со ваквата политика, ова ќе влијае и на нашите билатерални односи и на патот на Албанија кон Европа. Нема да толерирам такви однесувања на товар на малцинството и секако не 48 часа пред изборите. Ќе го видиме изборниот резултат. Се надевам и навистина посакувам овој случај да се смири што е можно побргу. Ќе има значајни последици и во грчко- албанските односи, но ќе има и значајни последици на патот на Албанија кон европското семејство“, порача грчкиот премиер. (МИА)