Мицотакис не ја поддржува блокадата на Бугарија
Грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис, денеска јавно изјави дека неговата земја не ја поддржува Бугарија во блокадата на Македонија, нарекувајќи ја позицијата на Софија „непотребна компликација“.
Мицотакис учествуваше на Атинскиот демократски форум, каде одговараше на прашања на познатиот новинар, Стивен Ерлангер, кој е дипломатски дописник на „Њујорк тајмс“ од Брисел.
„Не. Не ја поддржуваме Бугарија. Сметаме дека тоа е непотребна компликација“, рече Мицотакис на прашањето дали Грција е на страната на Бугарија во блокирањето на европската перспективата на Северна Македонија.
Грчкиот премиер се осврна на претстојниот Самит ЕУ-Западен Балкан во Словенија, истакнувајќи дека оттаму треба да се прати јасна порака дека Западниот Балкан припаѓа во Европа.
„За неколку дена ќе сретнеме во Словенија. Треба на Западен Балкан да му понудиме јасна европска перспектива. Треба отворено да разговараме за проширувањето. Треба да пратиме сигнал дека за 10-15 години сите балкански земји ќе бидат во ЕУ“, рече Мицотакис и додаде дека евентуалниот вакуум што би се создал „ќе го окупираат други играчи“.
Тој го повтори неговиот став за Договорот од Преспа дека дека не гласал „за“, бидејќи постоеле аспекти што не му се допаѓаат. Но, потсети и на ставот дека ако договорот се ратификува во парламентот, тогаш ќе го почитува, бидејќи е меѓународна обврска за земјата.