Мицотакис направи мини реконструкција на Владата


Промени во четири Министерства на позициите министри и заменици-министри направи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, што воедно е и прва, мини реконструкција на Владата во вториот мандат што го доби пред шест месеци, по изборите на крајот на јуни минатата година, јави дописничката на МИА од Атина.

Владиниот портпарол Павлос Маринакис попладнево соопшти дека по одлука на премиерот Мицотакис, направена се промени во составот на Владата.

Сменет е министерот за заштита на граѓаните, кој воедно е и надлежен за полицијата Јанис Иконому, а на негово место доаѓа Михалис Хрисохоидис, кој по петти пат во неговата политичка кариера го презема конкретното Министерство, а промени има и на заменичката позиција.

На местото на Хрисохоидис во Министерството за здравство доаѓа досегашниот министер за труд Адонис Георгиадис, на негово место ќе биде заменик-министерката за образование Домна Михаилиду, а на испразнетото место во Министерството за образование поставена е Јоана Литриви.

Досегашниот владин портпарол Павлос Маринакис ја задржува позицијата, но паралелно, станува и заменик-министер под премиерот.

Новите министри утре попладне ќе положат свечена заклетва пред претседателката Катерина Сакеларопулу.