Мицотакис ќе учествува на Самитот за Западен Балкан во Берлин


Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис денеска ќе учествува на Самитот за Западен Балкан во Берлин, а според медиумите во Грција, се очекува да ја истакне протагонистичката улога на земјата и како столб на стабилност во регионот, но и како клучна сила за енергетска безбедност на Балканот и во Југоисточна Европа, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчката новинска агенција АНА-МПА, повикувајќи се на извори од кабинетот на Мицотакис, пишува дека грчкиот премиер, се очекува да посочи дека интеграцијата на Западен Балкан е инвестиција во нивната безбедност, стабилност и развој и дека ќе ја нагласи клучната улога на енергетската соработка.

На една седмица пред состанокот во Берлин, германскиот канцелар Олаф Шолц, кој денеска е домаќин на Самитот и грчкиот премиер на нивната средба во четвртокот во Атина, меѓу другото, разговараа и за земјите од Западен Балкан и проширувањето на Европската Унија.

Од кабинетот на грчкиот премиер тогаш информираа дека двајцата лидери дискутирале за актуелните случувања на Западен Балкан и за потребата да се промовира европскиот пат на земјите од регионот и преку Берлинскиот процес, додека пак на заедничката прес конференција со Мицотакис, Шолц изрази поддршка за ЕУ перспектива на Западен Балкан.

-Исто така разговаравме, и ова е многу важно за мене, разговаравме и за проширувањето на Европската Унија, за интегративната перспектива на Украина и Грузија, но главно е прашањето за земјите од Западен Балкан. Перспектива што се отвори пред 20 години и тоа во Солун, кога им рековме на овие земји дека може да станат членки на ЕУ. И двајцата  особено се обврзуваме и сакаме да го промовираме пристапниот процес на овие земји , рече Шолц во четвртокот на прес конференцијата во Атина по средбата со Мицотакис.

На Самитот за Западен Балкан во Берлин учествува и владина делегација од Северна Македонија предводена од премиерот Димитар Ковачевски.