Мицотакис: Ќе го поддржиме името автентична Македонија

Ќе се бориме да го поддржиме името или брендот Македонија, вистинската Македонија би рекол, автентичната Македонија. Автентична Македонија, на англиски би било real Macedonia, тоа е нашата Македонија, вели претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис во интервјуто за грчката телевизија „Алфа“ и објаснува дека неговата партија ќе започне комуникациска кампања за „поддршка на Македонија“.
Мицотакис, додава дека ова се однесува на производите и трговските ознаки, но и на европската перспектива на соседната земја, повторувајќи го правото на блокада, но не априори како што вели, туку само „доколку тоа не им служи на националните интереси“ и уште еднаш потенцира дека ќе направи сѐ што може за да ги ублажи „негативните последици“ од Договорот од Преспа.

-Ќе се бориме за да можеме уште поинтензивно да ја промовираме уникатноста на Македонија. Да дадам еден пример: за неколку месеци свечено ќе се отвори Музејот на Вергина. Навистина би сакал ова да е голема можност за да можеме на целиот свет да му ја претставиме големината на македонската цивилизација. Со други зборови, во рамките на договорот ќе ги одбраниме нашите национални интереси и во однос на интегративниот тек на соседната земја. За ова сум многу јасен. Грција ја задржува, за секое поглавје што се отвора и затвора, можноста да го блокира интегративниот процес, доколку се процени, тоа не го велам априори, велам, доколку се процени дека не им служи на националните интереси, вели Мицотакис.
Во однос на Договорот од Преспа, лидерот на Нова демократија повторува дека тие направиле сѐ што можат за да не биде ратификуван во Парламентот и дека се уште очекува од Ципрас и неговите пратеници да им дадат објаснувања на граѓаните од северна Грција. Мицотакис коментира дека „сериозно се сомнева дали ќе можат да ги убедат“.
-Навистина би сакал, ако може СИРИЗА, а не може, да одржи организирана дискусија и на некој начин да им објасни на Македонците, на сите Грци зошто на крај, овој договор е добар, вели Мицотакис во интервјуто.
Тој уште еднаш повторува дека не добиле одговор од владата зошто со договорот се дава можноста за соседите „да се нарекуваат Македонци и да говорат македонски јазик“.
-На основниот аргумент, зошто дадовме јазик, идентитет и националност, господинот Ципрас никогаш не одговори. Зошто требаше денес да им дадеме можност на нашите соседи да се нарекуваат само Македонци, да говорат македонски јазик, јазик кој не го признава ниту Бугарија?, коментира лидерот на најголемата грчка опозициска партија во интервјуто за ТВ „Алфа“, пренесе МИА.
На прашањето дали е чест за Грција, номинацијата на Ципрас за Нобеловата наградата за мир поради Договорот од Преспа, Мицотакис одговара негативно.
-Не сметам воопшто дека е чест, бидејќи е лош договор, кусо одговара претседателот на Нова демократија.