Мицотакис ја претстави владината програма за следните четири години


Премиерот Киријакос Мицотакис изјави дека ни во партијата не очекувале толку голема победа (Фото: Блумберг)

Намалување на невработеноста на осум отсто во следните четири години; предвремено исплаќање на заемот од првиот меморандум; враќање на инвестицискиот степен до крајот на годинава; намалување на даноци; намалување на јавниот долг; зголемување на минималната и просечната плата, се вклучени во програмата на грчката Влада за следните четири години, според премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

На почетокот на расправата во Парламентот за гласање доверба на Владата, Мицотакис, во 75-минутиниот говор детално ја опиша програмата, мерките и иницијативите што новата Влада ги планира за следните четири години во речиси сите области, образованието, здравството, општествените прашања, одбраната, енергетиката итн.

Истакна дека мора да бидат „Влада на сите Грци“ и дека заедно ќе се соочат со сите предизвици.

-Речиси во исто време во 2019 година и од истото место ја презентирав владината програма од нашиот прв мандат. Денеска повторно сум тука за да ги опишам нашите нови амбициозни цели. Втор пат по ред со зголемена сила, за во пракса да го спроведеме планот, кој со голем процент беше одобрен на изборите, истакна Мицотакис на почетокот од говорот.

Презентирајќи ги мерките, најави од 1 јануари 2024 година покачувања на платите во јавниот сектор, но и зголемување на сите плати во следните четири години, односно основната плата да биде 1.500 евра, а минималната плата 950 евра, како и дополнително зголемување на пензиите и намалување на одредени даноци.

Паралелно, истакна дека Владата ќе продолжи да ги поддржува домаќинствата преку ваучерот за супермаркети т.н. „market pass“ и воведување на „youth pass“ односно 150 евра за млади од 18 и 19 години за патувања и културни активности.

Мицотакис говореше за пет Грции: за„дигитална Грција“, односно за дигитализација на 90 отсто од административните процедури во државниот сектор и дигитализација на државните архиви, за „праведна Грција“ , најавувајќи уставни промени во 2025 година, „за општествена Грција“.

За „зелена Грција“, односно за енергетиката, зелената транзиција и климатската криза, истакнувајќи ја важноста на обновливите извори на енергија, рече дека најдоцно до 2030 година 80 отсто од енергијата ќе се произведува токму од обновливи извори, а до 2027 година ќе се воведат 650 електрични автобуси.

За „силна Грција“, односно за надградба и зајакнување на одбраната и безбедноста, набавка на Ф-35, завршување на оградата кај Еврос, потенцирајќи дека „синиот штит на копно, во воздух, во вода ги штити националните црвени линии“.

– Овие пет Грции ја сочинуваат Грција каква што сакаме да биде, истакна Мицотакис.

Со говорот на Мицотакис попладнево започна тридневната расправа во Парламентот за гласање доверба на Владата, гласање закажано за сабота вечер.

Вечерва планирани говори на лидерите на опозициските партии, додека пак во текот на утрешниот ден, освен пратениците, ќе говорат и министрите, кои детално ќе ги објаснат нивните програми за следните четири години.

Владата ќе добие доверба доколку мнозинство од присутните пратеници гласаат „за“, мнозинство кое не смее да биде помало од две петтини од вкупниот број пратеници.

Пред десет дена на парламентарните избори, Нова демократија победи со 40,56 отсто од гласовите и доби 158 пратеници, со што го обезбеди и неопходното парламентарно мнозинство од минимум 151 пратеник за формирање Влада.