Мицотакис и официјално ја презеде функцијата од Ципрас


Лидерот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис и официјално, во премиерската палата во Атина, од Алексис Ципрас ја презеде функцијата претседател на владата на Грција.

На почетокот од средбата премиерот во заминување го пречека неговиот наследник на влезот од палатата „Максимос”, додека, пак, на крајот, на истото место Мицотакис го испрати Ципрас.

Новиот грчки премиер во премиерската палата пристигна пеш од претседателската палата, каде што положи свечена заклетва, по што рече дека уште од денеска започнуваат со напорна работа, јави дописничката на МИА од Атина.

-Грчкиот народ, вчера ни даде силен мандат за да ја промениме Грција. Овој мандат ќе го почитуваме во целост. Од денеска почнува напорна работа и имам апсолутна доверба во нашите капацитети за да одговориме на околностите, рече Мицотакис откако положи свечена заклетва, а кусо пред и официјално да ја преземе функцијата премиер на Грција.

Новиот грчки премиер, во присуство на потесниот круг на семејството, односно сопругата, нивните три деца, неговите сестри, меѓу кои и поранешната шефица на грчката дипломатија, Дора Бакојани и пред претседателот на државата положи свечена заклетва во претседателската палата.

Кусо пред почетокот на заклетвата Кирјакос Мицотакис и Прокопис Павлопулос имаа тет а тет средба во кабинетот на грчкиот претседател.

Церемонијата на положување свечена заклетва во претседателската и примопредавањето на функцијата во премиерската палата предизивикаа голем интерес како кај грчките така и кај странските медиуми. Со оглед на тоа дека кабинетот на Претседателот и Кабинетот на Премиерот ги дели една улица, просторот пред двете палати беше полн со новинарски екипи, јави дописничката на МИА од Атина.

Во попладневните часови, според најавите, се очекува да биде соопштен составот на новата грчка влада, а свечената заклетва на новите министри веројатно ќе биде утре.