Мицотакис и Мишел утре ќе ја посетат границата на Грција со Турција


Грција-Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и претседателот на Европскиот совет Шар Мишел, утре ќе ја посетат грчко –турската граница кај Еврос, како што самиот Мицотакис објави на официјалниот „Твитер“ профил, јави дописничката на МИА од Атина.

-Границите на Грција се надворешни граници на Европа. Ќе ги заштитиме. Ќе го посетам Еврос, копнената граница со Турција со Шарл Мишел, претседателот на Европскиот совет. Уште еднаш, не се обидувајте да влезете нелегално во Грција – ќе бидете вратени назад, напиша грчкиот премиер на „Твитер“, синоќа, по завршувањето на владиниот совет за национална безбедност.

На состанокот беше донесена одлука да се преземат пет мерки, бидејќи, како што рече портпаролот на грчката влада Стелиос Пецас „актуелната ситуација на границата со Турција претставува активна, сериозна, исклучителна и асиметрична закана за националната безбедност на земјата“.

Надградба на максимално ниво на мерките за чување на источните копнени и морски граници на Грција за спречување на нелегални влегувања во земјата; привремено одложување на еден месец на барањата за азил за оние кои нелегално влегуваат во земјата; кога е можно, веднаш, без регистрација, да се враќаат назад оние кои нелегално влегуваат на грчка територија; доставување барање до Фронтекс за групата RABIT со цел чување на грчката, односно границата на ЕУ и известување на Советот на МНР на ЕУ и барање да се преземат мерки за Грција за справување со итната состојба поради ненадеен прилив на државјани на трети земји, се мерките кои ги соопшти Пецас.

-Во последните денови, Грција е на мета на ненадеен, масовен, организиран и координиран притисок од движењата на луѓето кон источните копнени и морски граници. Ова движење е насочено и охрабрено од Турција. Со овие активности се прекршуваат обврските што произлегуваат од Заедничката декларација на Европската унија – Турција. Турција, наместо да ги ограничи мрежите на криумчари на мигранти и бегалци и самата стана криумчар, рече портпаролот на грчката влада по завршувањето на состанокот.

Тој истакна дека насобраните лица на границата, насилно се обидуваат да влезат на грчка територија.

-Конкретните луѓе, Турција ги користи како пиони за да врши дипломатски притисок, рече Пецас додавајќи дека Грција има суверено право и уставна обврска да го заштити нејзиниот интегритет.

Во текот на вчерашниот ден, од шест часот наутро до 18 часот попладне, според грчки владини извори, на грчко – турската граница ка Еврос, биле регистрирани околу 5500 спречувања на влез во Грција на нелегални мигранти, а 60 лица биле уапсени.

Во попладневните часови вчера, повторно имаше инциденти на границата, а според извори од Грција и објавено видео, турската полиција фрлила солзавец

кон грчките сили во исто време кога мигрантите се обидуваат да стигнат на територијата на Грција.

Во обидот на акцијата на грчката полиција да спречи нов влез на бегалци и мигранти на грчка територија, од камен фрлен од другата страна полесно беше повреден полицаец во пределот на лицето.

Според грчките медиуми, полицијата употребила и цистерна со топови вода за растерување на насобраните групи, а од фрлените предмети на грчка страна, оштетени биле две возила на војската.

Грчката влада, како што претходно објави МИА, за да ги информира и да ги спречи бегалците и мигрантите , да се обидат да влезат во Грција, испраќа смс порака на сите странски мобилни телефони кои што се приближуваат до грчко – турската граница или се веќе таму, а сега веќе пораката е поразлична од онаа претходно.

-Никој не може да ја помине грчките граници. Сите оние што се обидуваат да влезат нелегално, ефективно се спречени да влезат. Бројките цитирани од турските власти се лажни и заблудени, пишува, според грчки владини извори, во пораката, на англиски јазик, која од вчера се испраќа на странските мобилни телефони.

Министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас, пак, завчера, како што објави грчката новинска агенција АНА-МПА, испратил допис до Високиот комесар на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел, за, и на официјален начин да побара свикување вонреден состанок на Советот на министрите за надворешни работи на ЕУ за ситуацијата во бегалското/мигрантското прашање.

Според истите информации, Дендиас телефонски разговарал со неговите колеги од Хрватска, Словачка, Естонија, Кипар и Бугарија, но и со амбасадорот на САД во Атина, околу случувањата со бегалците и мигрантите.

Во петокот пак, како што објави АНА-МПА, во грчкото МНР бил повикан турскиот амбасадор.

Шефот на грчката дипломатија, завчера имаше телефонски разговор со Борел околу барањето на Атина, кое беше и официјално доставено.

Освен со Високиот комесар на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Дендиас, како што саботата објави МИА, повикувајќи се на грчки дипломатски извори, за ситуацијата со мигрантите и бегалците, ги информирал и министрите за надворешни работи на Северна Македонија, Австрија, Бугарија, додека пак завчера разговарал со неговиот колега од Турција.