Мицотакис: Грција нема време за „дијалог со апсурдот“ во Турција


Премиерот Киријакос Мицотакис

Грција нема време за „дијалог со апсурдот“ во соседна Турција, рече премиерот Киријакос Мицотакис, истакнувајќи дека Грција е подобро заштитена од кога било по договорите за набавка на модернизирани борбени авиони од следната генерација, пишува електронското издание на „Катимерини“.

Говорејќи за време на посетата на капацитетите на Грчката воздухопловна индустрија во Танагра, Виотија, за отворање на нов технички центар, премиерот рече дека Грција реагира на новите закани „со решителна подготвеност против секоја фалбаџиска милитантност“.

„Оние кои се фалат дека можат ненадејно да пристигнат ноќе, треба да бидат свесни дека една ноќ може да се разбудат пред суровата реалност“, додаде Мицотакис.

„Ќе кажам уште еднаш: нашата земја не влегува во дијалог со апсурдот“, нагласи тој.

„Со новите ловци Рафал и модернизацијата на Ф-16, како и ескадрилата Ф-35 подоцна, грчкото небо е заштитено како никогаш досега“, рече Мицотакис.