Мицотакис: Грција ќе го поддржи Западен Балкан

Климатските промени, бегалскиот проблем, кипарското прашање, односите со Турција, но и европската перспектива на земјите од Западен Балкан беа темите на кои се осврна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговото обраќање на Генералното собрание на ОН, jави дописничката на МИА од Атина.

– Во однос на нашите соседи на север, Грција ќе продолжи да ги поддржува напорите на сите земји од Западен Балкан да се интегрираат во Европската унија, доколку ги исполнуваат нивните меѓународни обврски кон Европската унија и нивните обврски кон соседите. Грција игра клучна улога во економскиот развој на целиот балкански регион, благодарение на трговските можности што ги нудат нејзините пристаништа во Пиреас и Солун, како и нејзината позиција како важен инвеститор во Југоисточна Европа. Ќе продолжиме, уште поинтензивно, да го правиме тоа во иднина, рече Мицотакис.

Грчкиот премиер детално говореше за бегалското прашање, порача дека Грција стигнува на границите на нејзините можности за справување со проблемот и не може сама да го поднесе товарот, истакна дека е потребен колективен пристап со праведна распределба на одговорностите во рамките на ЕУ, како и почитување на договорот меѓу Унијата и Турција.

– Треба на нашите европски партнери да им го кажеме очигледното: Грција не може сама да го поднесе товарот на масовното движење на луѓето кои бегаат од војните и угнетувањето или едноставно бараат подобра иднина, како што е случај во последно време. За овие луѓе, Грција не е нивната крајна дестинација. Доаѓаат во Европа преку нашата надворешна граница, која всушност е грчката граница, рече Мицотакис.

Во однос на климатските промени, грчкиот премиер рече дека Владата планира да усвои нова национална стратегија за енергија, животна средина и клима пред крајот на годинава, а ќе вклучува забрана за користење пластика за една употреба до крајот на 2021, затворање на сите електрани на лигнит до крајот на 2028 година, како и иницијативи за заштита на културното наследство од климатските промени.