Мицотакис ги прекрши правилата за карантин – по втор пат


Грчкиот премиер бил на собир од 30-40 луѓе на малиот остров Икарија во источен Егеј

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис повторно се најде на удар на критиките за очигледно непочитување на правилата за карантин поради корона вирусот одредени од неговата сопствена влада, јавува бриселски „Политико“, пренесувајќи ги пишувањата на грчките медиуми.

Видеа и слики започнаа да кружат за време на викендот на социјалните мрежи, кои се чини дека го покажуваат Мицотакис за време на посетата на островот Икарија како присуствува на собир со 30-40 луѓе на балконот од куќата на локален пратеник од владејачката партија Нова демократија, Христодулос Стефанадис, кој исто така е лекар.

Мицотакис викендов беше во посета на оддалечените острови Икарија и Фурнои во источен Егеј за да го надгледува напредокот на вакцинацијата. Според извештаите на локалните медиуми, на собирот биле присутни и владини претставници, министри и здравствени службеници.

Ова доаѓа на првиот викенд на строги нови ограничувања во многу делови на земјата, како и поместувањето на полицискиот час порано – од 18 часот.

Грците се наоѓаат во блокада од ноември и не им е дозволено да присуствуваат на собири или да се движат од една во друга општина за да ги посетат своите семејства. Ним им е дозволено да ги напуштат своите домови за да одат на работа, да купуваат најважни работи, да посетуваат лекар или да вежбаат близу до нивната куќа и во групи од не повеќе од три лица. Прекршителите на правилата се соочуваат со казни од 300 евра, а организаторите на собир од 3.000 евра.

Големо друштво собрано на ручек

Речиси 6.000 луѓе починаа од Ковид- 19 во Грција досега и над 260 лица се во моментот на интензивна нега. Зголемувањето на случаите повторно ја принуди владата да објави нови ограничувања во петокот.

Мицотакис претходно беше обвинет за кршење на правилата за заклучување на почетокот на декември, кога се соочи со реакција при планински велосипедизам со неговата сопруга во шума околу планината Парнита северно од Атина и се фотографираше со неколку минувачи – никој од нив не носеше маски.

Собирот на Икарија е осуден од сите опозициски партии, кои ги нарекоа сликите „провокативни“ и „навредливи“, а премиерот „неодговорно арогантен“.

„Мудриот човек не ја прави истата грешка двапати“, рече Алексис Ципрас, лидер на најголемата опозициска партија Сириза, на Инстаграм. „Очигледно, тоа не е повторен чин на невнимание, туку покажува длабока ароганција и фалење. Јас сум на власт и правам што сакам. Зошто? Затоа што ми се може“.

Стефанадис рече дека за време на ручекот биле преземени сите превентивни здравствени мерки, а состанокот се одвивал на отворено, а луѓето носеле маски помеѓу оброците. Тој додаде дека бројот на присутни е голем затоа што премиерот беше придружуван од владината делегација од Атина, како и нивниот тим за безбедност.

Владиниот портпарол Христос Тарантилис рече дека критиката на опозицијата „нема сериозност“, но додаде дека „во секој случај, во идните обиколки на премиерот, ќе се вложат сите можни напори за да се избегне создавање лажен впечаток“.